По промоцијата на баладата “Ако грев е што те сакам”, Наташа Малинкова деновиве повторно влезе во студио каде работи на нов сингл кој би требало да излезе кон почетокот на идниот месец. Овојпат, кавадарчанката снима брза и динамична песна која очекува да прерасне во вистински летен хит, а освен стандардните настапи кои ги има низ дискотеките во Македонија, од неодамна почна да пее и на свадби и вели дека е пресреќна што се повеќе младоженци за нивниот најважен ден во животот наместо да се веселат на народна музика, организираат класични и рок журки.
“Ми се допаѓа тоа што во последно време сум многу барана по свадби и среќна сум дека забавите што ги правиме ние се поинакви од класичните и на нив преовладува поп-рок стилот на музика. Пеам и по некоја македонска староградска, задолжително!”, откри Наташа која старее како виното и е се позгодна и позгодна со текот на годините.
“Колку и да сум зафатена секогаш наоѓам еден час во денот да се истрчам. Немам посебен режим на исхрана, ама гледам се што внесувам да е здраво. Практикувам да јадам овошје и зеленчук”, вели кавадарчанката.
Нејзина најголема поддршка во животот и е сопругот кој нема проблем со нејзината професија затоа што е свесен како функционира шоу-бизнисот.
“Најголема поддршка во се што работам добивам од сопругот и ќерките. Можам слободно да кажам дека тајната на сите мои успеси е љубовта што ми ја дава семејството, тоа ме одржува позитивна цело време и ми дава сила напорно да работам. Македонската публика сака и глас и стас, а јас работам за публиката и морам да и го дадам она што го бара”, заклучи Малинкова.