Возбудлив и неизвесен дуел во “Барклејс центар”. Бруклин го пречека Чикаго во исклучително возбудлив меч, помеѓу два од најдобрите тимови во Источната конференција.Бруклин го отвори мечот со три тројки по ред (9-0). Чикаго веднаш возврати преку својот динамичен тандем, Зек Лавин и Демар Дерозан. Прецизниот шут им носи предност на “нетси” од од +6 (34-28). Ветеранот, Пол Милсап, презентира одлична игра во рекетот со четири поени по ред. Следува прекрасен потег на Дерозан, кој исфрли двајца противнички играчи надвор од баланс, за возбуда на клупата на “биковите”. Тројката на Никола Вучевич, носи израмнување на резултатот, 42-42. Поените на Кевин Дурент носат предност од 56-52, на полувремето од натпреварот.
Во второто полувреме, поранешниот All-Star, Ламаркус Олдриџ заигра како во своите најдобри денови. Кевин Дурент продолжува со прецизниот шут а на спротивната страна следи одговор од Лонзо Бол и Зек Лавин. Положувањето на Пол Милсап, носи водство од +3 пред почетокот на последната четвртина. Се повидливо стануваше дека натпреварот ќе биде неизвеснен до самиот крај.
Во финалниот период, Дерозан и Лавин градат мало водство за својот тим. Следуваше шутерска пресметка помеѓу Дурент и Дерозан а потоа тешко положување (под контакт) на Лавин за +5. Дурент враќа на спротивната страна. На 16 секунди до крајот, Лонзо Бол, погодува тројка од десниот агол за предност од +5 за “ветровитиот град”. На крај, конечни 111-107 за гостинскиот тим, и трета победа по ред. Водечки кај победничкиот тим беше Зек Лавин со 31 поен, следен од Демар Дерозан со 28 постигнати поени. На спротивната страна, Кевин Дурент беше водечки со 28 поени. И покрај поразот, Бруклин е првопласиран на Истокот (16-7) токму пред Чикаго, кој има пораз повеќе (16-8).
NBA FAN
Димитар Младеновски