Еден од најинтересните дуели во последните неколку години, претставува судирот помеѓу Денвер Нагетс и Далас Маверикс. Овој дуел е посебно возбудлив пред се поради првите играчи на двата тима, Никола Јокич и Лука Дончич, кој од година во година се вбројуваат помеѓу најголемите кандидати за престижната награда MVP. Според повеќето, се работи за двата најдобри Европски играчи, а нив ги поврзува и големо пријателство.
Во синоќешниот дуел, иако Дончич имаше подобро статистичко издание, Денвер беше далеку подобар колектив. “Нагетси” го декласира гостинот со 31 поен разлика (конечни 106 – 75). Во меч на кој домаќините го диктираа темпото од самиот почеток, лидер беше ветеранот Вил Бартон со 17 поени, следен од Ерон Гордон со 13 и Мајкл Портер Јуниор со 12 постигнати поени. Најдобриот играч од ланското првенство, Никола Јокич, одигра само 25 минути во кој реализира дабл-дабл ефект, сочинет од 11 поени и 16 скокови.
Лошата игра во нападот и нискиот процент на реализација беа пресудни за кошмарната ноќ на тимот од Тексас. Во бледото издание на “мавси”, предводник беше Дончич со 16 поени и само уште еден негов соиграч беше двоцифрен во поентерските задачи, Треј Бурк кој постигна 11 поени. Ова претставува најтешкиот пораз на Далас Маверикс во последните 5 години.
NBA FAN
Димитар Младеновски