Ситуацијата во Њу Орлеанс е повеќе од проблематична.
“Пеликанс” го ангажираа еден од најдобрите бекови поентери, Си-Џеј МекКалум кој пристигна од Портланд. Во првите 5 натпревари за новиот клуб, МекКалум постигнува над 28 поени по натпревар и одлично се вклопува во новата средина. Најчесто кога тимот добива нов играч, остатокот од новите соиграчи го пречекуваат со раширени раце. Овој пат тоа не беше случај.
Првата ѕвезда на тимот, повредениот Зион Вилијамсон немаше никаков контакт со новиот поентер на тимот од Луизијана. Пред неколку дена откако МекКалум и јавно го изрази своето изненадување што младиот Вилијамсон не му посакал добредојде, по реакциите во медиумите дојде до промена. Вилијамсон конечно поразговарал со новиот соиграч. Она што изненадува најмногу во овој случај е незаинтересираноста на младото крило кое пред почетокот на професионалнат кариера беше споредуван со легендарниот Леброн Џејмс.Пред одреден период, ланскиот Ол-Стар, Брендон Инграм отворено прозборе за незаинтересираноста на својот соиграч како и за се почестите шпекулации кои го поврзуваат Вилијамсон со нов клуб. Поранешниот играч на Њу Орлеанс, ветеранот Џеј-Џеј Редик исто така истакна дека однесувањето на Зион е неприфатливо, непрофесионална и загрижувачки.
Вилијамсон поради повреда не настапува во текот на целото првенство а неговата физичка неподготвеност дополнително го забави процесот на рехабилитација. Челниците на клубот се трпеливи но навивачите не. Останува да видиме што ќе се случи за време на летниот период, имајќи во предвид дека шансите за пласман во плејофот за Њу Орлеанс се минимални.
NBA FAN
Димитар Младеновски