NBA-Харден конечно испратен кај “Клиперси”

649

Конечно, заврши сагата околу Џејмс Харден.

Константно незадоволниот бек повторно ја промени средината. Од рано утрово Харден е нов играч на Лос Анџелес Клиперс. Со него во пакет заминува неговиот добар пријател Пи-Џеј Такер со кого претходно заедно настапуваа во Хјустон и Филаделфија. Има веројатност и српскиот репрезентативец, Филип Петрушев да постане нов играч на тимот од Калифорнија.

Во спротивен правец заминуваат искусниот дефанзивец Роберт Ковингтон кој од 2014 до 2018 година настапуваше за Филаделфија, ветераните Николас Батум и Маркус Морис како и младиот и талентиран Кеј-Џеј Мартин. “Сиксерси” добиваат и неколку идни избори на следните драфтови.

Џејмс Харден во текот на летото отворено влезе во војна со раководството на тимот а најмногу со генералниот менаџер Дерил Мори со кој долги години беа пријатели и соработници. 34-годишниот бек изјави дека нема повеќе да настапува за тимот од Пенсилванија и веќе беше казнет со 100.000 долари.

Кариерата ја започна во Оклахома Сити Тандер каде стана најдобар “шести” играч во лигата. По преминот во Хјустон Рокетс се промовира во голема ѕвезда и еден од најголемите поентери на сите времиња. Три пати беше најдобар стрелец, два пати најдобар асистент и еднаш ја освои наградата за најскорисен играч во NBA. Во потрага по шампионскиот прстен замина во Бруклин каде се задржа нецела година пред повторно да биде незадоволен и трејдуван во Филаделфија. По 18 месеци во дресот на “сиксерси” повторно побара да ја промени средината.
Се чини дека Харден до крајот на својата кариера ќе остане незадоволен.

NBA FAN
Димитар Младеновски