Штотуку стигна сензационална информација од САД! Крис Пол е нов играч на Феникс Санс!
Оклахома Сити реши по само една сезона да го размени еден од најдобрите плејмејкери кој некогаш играле кошарка. Во спротивна страна завршуваат шпанскиот репрезентативец Рики Рубио, надежното крило Кели Убре, младите Тај Џером и Џејлен Лек како и избор во првата рунда од овогодинешниот драфт.
Од поодамна е познато дека 35 годишниот плеј е голем пријател со младата ѕвезда на тимот од Аризона, фантастичниот стрелец Девин Букер.
Токму на барање на “Бук”, управата на “сонцата” се реши на ваков драстичен потег, имајќи во предвид дека “CP3” поседува еден од најбогатите договори во најсилната кошаркарска лига.
Пакетот кој го доби Оклахома се состои од млади, талентирани и надежни играчи во комбинација со искусен и сосема солиден плеј (во Рубио). По перфектниот скор во последните 8 натпревари од регуларниот дел на првенството (каде Феникс не доживеа пораз) се очекуваше сериозно засилување во “долината на сонцето”. И покрај настојувањето на играчкиот состав да биде донесен “генерал на теренот” ретко кој очекуваше ваква “бомба” од трансфер!
Tрагајќи по лидер, Феникс го доведе еден од најголемите организатори на играта кој сме имале можност да го видиме на теренот. 10 кратниот All-Star му се приклучува на еден од најсилните стрелци во светот, што го прави бековскиот тандем на “сонцата” исклучително опасен.
Имајќи во предвид дека официјализацијата на сите трансфери на играчи може да се случи најрано на 20-ти месецов, можеме само да замислиме што се не очекува до крајот на преодниот рок. Барајќи “генерал”, Феникс го доби најискусниот и бестрашен воин за борба во годините кој следуваат.
NBA FAN
Димитар Младеновски