NBA колумна на Димитар Младеновски-Профил на Дејмон Стадемаер

2522

Почетоците на молневито брзиот плеј

Уште од средношколските денови, преку сјајната колеџ кариера, Дејмон Стадемаер се одликувал со фантастични офанзивни карактеристики.
Под палка на легендарниот универзитетски тренер Лут Олсон, тогаш младиот плејмејкер имаше врвни резултати како претставник на “дивите мачки”. Освојувајќи ги сите американски колеџ почести, Стадемаер остана запаметен како единствен играч на престижниот универзитет Аризона, кој два пати успеал да ја помине границата од 40 поени на една средба. Воедно, остана запишан како втор стрелец и четврти асистент во богатата историја на својот универзитет.
Во 1995 година ја подели наградата за универзитетски играч на годината (заедно со Ед О’Бенон).

NBA кариера:

Торонто Репторс (1995-1998)

Првата професионална сезона за Дејмон Стадемаер, беше сезона која секој дебитант може само да ја сонува.
Со просек од 19 поени и 9 асистенции по натпревар, ја освои наградата за “дебитант на годината” во ултра моќна конкуренција, на драфтот 1995 година кога беше избран како (висок) 7-ми пик од страна на тогаш новиот NBA тим од Канада.
Висок само 178 цм. го доби прекарот “Mighty mouse” (моќен глушец) пред се поради својата брзина и цврстина. Ја освои наградата за играч на натпреварот на дебитантите, на “All Star Weekend”-от во Сан Антонио.
Со својот тим успеа да го победи легендарниот состав на Чикаго Булс, и да му нанесе еден од ретките порази во сезоната ’95/’96.
“Биковите” таа година првенството го завршија со рекорден скор од 72-10.

Во наредните 2 сезони, Дејмон се промовира во еден од офанзивно најдобрите организатори на играта во светот.
Во тим полн со млади и талентирани играчи како Маркус Кемби, Трејси МекГрејди, Волт Вилијамс, Даг Кристи и останатите, стана прва голема кошаркарска ѕвезда во Канада.
За жал, и покрај рапидниот пораст на формата и статистичкиот напредок кој го имаше на индивидуално ниво, “репторси”немаа сјајна иднина и јасен план како понатаму?

Од тие причини (на 18-ти Февруари 1998 година) Стадемаер е трејдуван во “Блејзерс” (тогаш еден од најдобрите тимови во Западната конференција).
Со овој потег, практично “the Mighty Mouse” се врати во родниот Портланд. Во градот каде ги направи своите спортски почетоци, “малиот џин” ќе има круцијална улога за растот на Портланд Треил Блејзерс во шампионски конкурент.

Портланд Треил Блејзерс (1998-2006)

Во својот роден град, Дејмон поминува сјајни 8 години.
Во овој период од неговата кариера станува далеку постабилен, и од бек поентер прераснува во расен плејмејкер, организатор на игра кој секој конкурентен тим би го посакал.
“Блејзерси” околу него прават тим полн со ѕвезди.
Од Рашид Волис, преку Скоти Пипен, “Бонзи” Велс, Џеј-Ар Рајдер па подоцна (олимпиецот) Стив Смит, Грег Ентони, Шон Кемп, Дејл Дејвис итн. Тимот од Орегон станува конкурент за титулата, и секоја година војува со тогашниот неприкосновен шампион (тимот на Лос Анџелес Лејкерс предводен од Шекил О’Нил и Коби Брајант).
За жал, секоја година “за влакно” им бегаше шампионскиот прстен.

Како одминуваа годините така доаѓа и нови млади соиграчи до него. И колку да беше врвен, секогаш Стадемаер беше потценуван.
“All Star” натпреварот никогаш не го искуси, а потенцијали како Џермејн О’Нил, Зек Рендолф и Дариус Мајлс блескаа покрај него.
Во 2004-та година, во “Rose garden” пристигна и неговиот голем пријател, Ник Ван-Ексел.

На 14-ти Јануари 2005 година, Стадемаер експлодира постигнувајќи (рекордни во кариерата) 54 поени, на гостувањето во Њу Орлеанс. Оваа поентерска претстава важи за рекорд кој и денес е важечки на франшизата од Орегон.
Во 2006 година, дојде време за промени.

“Блејзерси” се фокусираа кон подмладување на тимот и негова реорганизација. Неговиот договор не беше продолжен, па од тие причини многу тимови беа заинтересирани за неговите услуги.
На 5-ти Август 2005 година (како слободен агент) потпиша 4-годишен договор со тимот на Мемфис Гризлис.

Мемфис Гризлис и Сан Антонио Спарс (2007-2009)

Во овие три години улогата на (веќе) ветеранот Стадемаер, драстично се промени.
На 30 Декември 2015 преживеа тешка повреда. Ја скина ахиловата тетива, и паузираше  9 месеци.
Во тој период беше видлива неговата улога како ментор на младите и перспективни играчи на бековската позиција –  Мајк Конли Јуниор и Кајл Лаури (шампионот од 2019 година кој исклучително го ценеше неговото искуство, и му се заблагодари за помошта кога ја освои титулата со Торонто Репторс).

На 26-ти Јануари 2008 година, потпиша за Сан Антонио Спарс, со надеж дека конечно ќе дојде до толку посакуваната титула.
Oдигра 31 натпревар за “мамузите” со лимитирана минутажа, влегувајќи од клупата за резервни играчи.
За жал, Сан Антонио не успеа да се пласира во големото финале.
Беа елиминирани од идните шампиони, тимот на Лос Анџелес Лејкерс. Летото 2008 година за услугите на (тогаш веќе) 35 годишниот плејмејкер, беа заинтересирани повеќе конкуретни тимови.
Константите болки во колената како и “ранетата” тетива беа пречка да го даде својот полн придонес.
Носи многу важна одлука, да стави крај на играчката и да започне (нова) тренерска кариера.

Повеќе од една деценија, некогаш сјајниот плеј е одличен стратег и тренер.
Започна како помошник во универзитетот Рајс, па потоа во Мемфис Гризлис, и неговиот колеџ Аризона. Од 2016 до 2021 година беше главен тренер на универзитетот Пацифик пред да се приклучи на Бостон Селтикс, како асистент.
Важи за еден од најгоемите мотиватори и познавачи на кошаркарската игра.

РЕЗИМЕ

Дејмон Стадемаер е (можеби) најдобриот плејмејкер за кој помладите љубители на кошарката немаат чуено.
Потенцијалот беше видлив од самиот старт.
Секој кој го следел “The mighty mouse”, слободно може да каже дека очекуваше повеќе од него.
Некогаш среќата, а подоцна повредите се испречија на неговиот пат.
Со само 178 сантиметри (и лавовско срце) покажа дека со напорна работа и челична волја, може да се успее на професионален план.

Едно е сигурно. Дејмон беше пред своето време кога станува збор за “ситни” бекови поентери.
Еден од најбрзите и најопасните стрелци кој се појавиле на кошракарскиот терен.

NBA FAN

Димитар Младеновски