NBA колумна на Димитар Младеновски-Денот кога најголемиот го потсети светот за својата величина (ВИДЕО)

1719

На денешен ден бевме сведоци на историски, епски, ултра возбудлив натпревар.
Во само четвртиот меч по 18 месечната пауза, “Ем Џеј” ги потсети сите кој е број 1 во кошаркарскиот свет. Сеуште непрепознатлив, со 45 на грбот место (оригиналната) 23-ка, Мајкл Џордан ги предводеше своите “бикови” на дуел со еден од најнезгодните тимови на Истокот.“Омни Арена” исполнета до врв, близу 17.000 гледачи. Во исклучително тесен и неизвесен меч, Атланта го бранеше домашниот терен. “Јастребите” тоа првенство имаа деликатно избалансиран напад каде сите даваа полн придонес.
На тековниот меч (дури) 5 играчи имаа двоцифрен број на постигнати поени. Беа предводени од плејмејкерот Муки Блејлок (20 поени), капитенот Стив Смит (18), Стејси Огмон (16), Грент Лонг (16) итн.

Чикаго доживуваше период на адаптација. Се ближеше доигрувањето а “биковите” земаа замав. Враќањето на нивната икона имаше огромно значење но само дополнително ја размрда тимската концепција во која (од секогаш) тој го има главниот збор. Тимот од “ветровитиот град” и покрај променливата игра во текот на тековното првенство, сепак претставуваше еден од најсилните фаворити за тронот.
Оваа вечер, “неговото кошаркарско височество” (официјално) потврди дека се враќа по својата круна.

За 43 минути, Џордан постигна 32 поени. Најважните 2 беа во негов патентиран стил, со звукот на сирената. Конечни 99:98 за гостите од Илиноис.
Иако Чикаго Булс не успеа да ја освои титулата, во првата (тековна) сезона по враќањето на најголемиот, во наредните три години освоија исто толку титули. Тоа го направија во импресивен стил, рушејќи рекорди и собирајќи пехари.
Ноќта на 25 Март 1995 година, најголемиот на сите времиња го потсети светот за каква величина станува збор.

NBA FAN

Димитар Младеновски