NBA колумна на Димитар Младеновски-Џезерите подготвени за нова нумера

748

Како пред две децении, тимот на Јута Џез повторно има динамичен тандем. Повторно има солидна клупа, мудар стратег и силен тим. Повторно недостига малку за да се вивне во групата на фаворити. Каква музика ќе се слуша од нив годинава?

Прв играч на тимот од Солт Лејк Сити е динамичниот бек Донован Мичел. Како еден од најперспективните “двојки” во лигата, од “Спајда” се очекува повторно да го диктира темпото во нападот на својот состав.

Јута го поседува три кратниот најдобар одбранбен играч во лигата, центарот Руди Гоберт. Во својата девета сезона, како прекален ветеран (повторно) ќе претставува страв и трепет во рекетот. Како засилување на центарската позиција, при заслужен одмор на францускиот центар, е доведен Хасан Уајтсајд кој претставува еден од најдобрите центри кој не стартува во првата петорка.

Ветеранот Мајк Конли ја започнува својата 15 NBA сезона. Лани (конечно и аспсолутно заслужено) стана All-Star играч и претставува еден од најстандардните плејмејкери на Западот. Неговата замена, Ројс О’Нил, не е класичен “плеј” но има поентерски потенцијал како ретко кој на својата позиција.

Она што ги радува навивачите во Јута е длабочината на тимот. На крилните позиции ги имаат австралискиот репрезентативец Џо Инглс и хрватската гордост Бојан Богданович, дуо со прецизен шут и неисцрпна енергија. Дополнително е доведен ветеранот Руди Геј како и Ерик Паскал за зацврстување на клупата. Најсилното поентерско решение претставува Џордан Кларксон кој претходната сезона ја освои наградата за најдобра резерва во лигата.

Тимот на стратегот Куин Снајдер има задача да ја диктира формата во текот на првенството. Вистинскиот предизвик претставува борбата во доигрувањето каде сезонава од “џезерите” се очекува поголема зрелост и подобра игра.

NBA FAN

Димитар Младеновски