По разочарувачката сезона која ја доживеаа, “лејкерси” се спремни за големи промени.
Најпрво го отпуштија тренерот Френк Вогел а се поизвесно е заминувањето на поранешниот MVP, Расел Вестбрук. Веднаш по завршувањето на првенството излегоа информации за потенцијалните дестинации на кој “Рас” би можел да заврши и она што “езерџиите” би го добиле за возврат.
Најголемиот проблем претставува астрономски богатиот договор кој Вестбрук го поседува. Следната сезона 33-годишниот бек ќе заработи вртоглави 47 милиони долари кој го прават исклучително тежок за трејд. Во последниве неколку денови тимот на Индијана Пејсерс се споменува како можна дестинација.
“Пејсерси” би ги понудиле шутерот Бади Хилд, бекот Малком Брогдон како и пик во првата и втората рунда од следните драфтови. “Лејкерси” не се премногу заитересирани за Брогдон но, со задовлство во своите редови би го довеле центарот Мајлс Тарнер кој неколку пати до сега беше на излезна врата од Индијана.
Со оглед на тоа што “пејсерси” на половина од првенството го доведоа младиот и перспективен плејмејкер Тајрис Халибартон, за очекување е минутажата на Малком Брогдон да биде драстично намалена доколу воопшто го започне следното првенство во Индијанаполис. Бади Хилд веќе во неколку наврати беше поврзуван со “златно – пурпурниот” дрес. Управата на тимот од “Ел-Еј” два пати се обиде да го доведе во своите редови од неговиот претходен клуб, Сакраменто Кингс. Двата обида беа безуспешни па можеби летово ќе биде “трета среќа” за нив.
Вестбрук следната сезона ќе наполни 34 години и влегува во својата 14 NBA сезона. Останува да видиме кој тим ќе се реши да го доведе во своите редови заедно со богатиот договор кој го носи со себе.
NBA FAN
Димитар Младеновски