ЛА Лејкерс го победија Денвер Нагетс со 117-107. Со вкупни 4-1 во победи патуваат во големото НБА-финале.
Леброн Џејмс беше нерешлива енигма за противникот. “Кралот” зад своето име запиша 38 поени (со фантастичен процент на шутеви од поле – 15/25), 16 скока и 9 асистенции. Ентони Дејвис мечот го заврши со 27 поени. На другата страна по 20 поени имаа Никола Јокич и Џемајл Мареј, не тие не беа доволни за ново “плеј-оф чудо” на тимот од Колорадо.
Лејкерси уште на самиот старт го контролираа мечот и водеа во последните три четвртини. Нагетси на стартот од последниот период успеаја да изедначат, но немаа сили за целосен пресврт. Леброн по овој меч стана само четвртиот играч кој во историјата на лигата десет пати играл во големото финале. Пред него се само Бил Расел со 12 пласмани на “големата сцена”, неговиот соиграч од Сем Џонс со 11 и Карим Абдул-Џабар со 10 финални серии.Лејкерси на патот кон својата прва титула по 2010 година за противник ќе го имаат подобриот од Источниот дуел помеѓу Бостон и Мајами. Најимпресивно делува податокот што Леброн Џејмс има повеќе NBA финалиња од дури 27 од вкупно 30-те клубови кои се натпреваруваат во најсилната лига во светот.Едно е сигурно, “кралот” нема да застане и покажува зрела, цврста и стабилна игра во неговата 17 професионална сезона. Походот по неговиот четврти трофеј ке започне набрзо. Леброн веќе е трикратен NBA шампион. Два пати го круниса Мајами (во 2012 и 2013 година) и еднаш неговиот Kливленд во 2016 година.
NBA FAN
Димитар Младеновски