NBA колумна на Димитар Младеновски-Летачкиот “Џеј Рич”

2363

Доколку се погледнат најатрактивните играчи во историјата на NBA, неизбежно е името на Џејсон Ричардсон. Познат по своите високо летачки способности и сметан за еден од најдобрите забивачи на сите времиња.

Џејсон Ентони Ричардсон, е роден 1981 година во Сегинсоу, Мичиген.

Уште во средношколските денови во “Артур Хил”, најзабележителен беше неговиот фантастичен одраз и атлетски способности. Уште од најрана возраст, беше регрутиран од најголемите спортски универзитети во земјата. Се реши да остане на домашен терен. Ја прифати понудата од тренерот Том Изоу и настапуваше за престижниот Мичиген Стејт, најмногу познат по својот великан, Ирвин “Меџик” Џонсон.Универзитетот во кој настапуваше имаше одличен тим во кој секој ја знаеше својата улога. Токму таму ќе се сретне со идните NBA играчи, плејот Матин Кливс, шутерот Морис Питерсон, бекот Чарли Бел и силното крило Зек Рендолф. Ричардсон помина две години во дресот на “спартанците”. Една година го водеше тимот по просекот на постигнати поени. Го освои трофејот во NCAA лигата во 2000-та година, и стана универзитетски шампион.

На драфтот 2001 година, “Џеј Рич” беше избран како висок петти избор. Имаше одлична прва сезона во која ја освои наградата за најдобар играч на натпреварот помеѓу дебитантите и играчите со две годишно профи искуство. Атрактивноста и (речиси) неверојатните физички карактеристики ги истакнуваше секојдневно на теренот.

Ричардсон стана вториот играч (по Мајкл Џордан) кој успеа две години по ред да биде најдобар забивач на “Аll Star” викендот. Импресивните забивања кој ги изведе останаа врежани во сеќавањето на навивачите. Леснотијата со која “леташе во воздухот” беше неверојатна. Подеденакво шокантно делуваше и силата со која ги завршуваше акциите.

Во периодот кога настапуваше за Голден Стејт, Ричардсон стекна вртоглава популарност. Тимот напредуваше од година во година а тој се промовира во една од најсветлите млади ѕвезди во лигата. Посветеноста на тимот го направи огромен пријател со сите, а посебно со (подеднакво атрактивниот “плеј”) Берон Дејвис. Двата бестрашни бекови, беа (во тоа време) можеби најатрактивниот бековски тандем во NBA. “Џеј Рич” беше капитен на тимот и вистински љубимец на публиката во Калифорнија.Предводени од него, “воините” се пласираа во плеј-офот (за прв пат по 13-годишна апстиненција) и го елиминираа огромниот фаворит, првопласираниот тим на Далас Маверикс. Од сезона во сезона неговиот напредок беше еминентен, особено подобрувајќи го својот шут од далечина. Беше вистинско изненадување кога по 7 сезони минати во Оукленд, управата на тимот реши да го размени. Главна причина за оваа одлука на челниците на Голден Стејт беше новиот богат договор кој (апсолутно) го заслужуваше но, “воините” не беа во можност да му го пружат.

На 28 Јуни 2007, по огромно инсистирање на главниот човек на Шарлот-Мајкл Џордан, Ричардсон премина во “бобкетси”. Имаше одлична сезона во која беше прв стрелец на тимот од Северна Каролина. За жал, “дивите мачки” немаа успех на тимско поле. Тоа беше и главната причина зошто побара нов клуб. Му недостасуваа победите и натпреварувањето со најсилните конкуренти. Таа шанса ја доби во Декември 2008 година. Стана член на еден од најголемите фаворити за титулата, тимот на Феникс Санс.

Атрактивниот бек дојде во сончевата Аризона во замена за четири играчи. Неговиот ангажман инстанто даде резултати. “Сонцата” играа исклучително брза и ефикасна кошарка во која тој се снаоѓаше одлично. Уште во своето деби беше прв стрелец и прекрасно се вклопи во тимот. Формира големо пријателство со првата “виолина” на тимот (двократниот MVP) Стив Неш. Канадскиот плеј, не ретко кажува дека “Рич” бил еден од играчите со кој му било најлесно да играат заедно. Исклучителните поентерски партии за време на плејоф натпреварите, го направија уште по популарен.

“Сонцата” и покрај одличниот состав, не беа доволно моќни да го детронизираат тогашниот шампион, Лос Анџелес Лејкерс. Од тие причини беа потребни (неопходни) промени. На нивно големо жалење (во пакет кој го вклучуваше нивниот најатрактивен играч) направија огромна размена на играчи со шампионот на Источната конференција, тимот на Орландо Меџик.

Во дресот на “магичните” и покрај намалената улога во нападот, се снајде сосема солидно и од таа причина доби нов богат договор. Најмногу беше почитуван поради својата безпоштедна жртва кон тимот и соиграчите, како и поради неговата цврстина на теренот. Во оваа зрела фаза од неговата кариера, “Рич” делуваше многу цврсто и не се повлекуваше пред никого.

Во 2015 година, Ричардсон повторно беше жртва на тимската политика. Првата ѕвезда на неговиот тим, Двајт Хауард побара да биде разменет во друг клуб. Желбата му беше удоволена, но поради комплексноста на тој “дил” во кој беа вклучени 4 тима, Ричардсон заврши во Филаделфија. Кога пристигна во тимот од Пенсилванија, почнаа проблемите со колената кој ќе го мачат до самиот крај на неговиот играчки пат.Од 2012 до 2015 година, поради здравствените проблеми, одигра само 52 натпревари. Во три години имаше исто толку оперативни зафати на левото колено. Филаделфија го ослободи од обврските во Февруари 2015 година. Пет месеци подоцна беше ангажиран од Атланта Хоукс но, не успеа да ја продолжи професионалната кариера. На 23-ти Септември 2015 година, објави дека се повлекува од активно играње повикувајќи се на фактот дека доколку продолжи со напорни физички активности може да му се наруши способноста за одење.Љубовта кон оваа магична игра го врати на теренот, преку “BIG 3” летната баскет лига. Таму со своите пријатели Нејт Робинсон (уште еден повеќекратен шампион во забивање) и Амари Стадемаер со успех настапуваше за тимот под палка на големиот Џулиус Ирвин, “Трај Стејт”. Пружи многу возбудливи моменти. Ричардсон ги потсети навивачите за каква атлета станува збор кога (и покрај хроничните повреди) полетуваше во воздухот и моќно забиваше. Како во старите добри времиња.Ричардсон кариерата ја заврши прерано, и не по своја волја. Многу пати и покрај својата одлична игра мораше да ја менува средината. Не беше All Star но беше еден од најатрактивните кој се појавиле на All Star викендите. Универзитетски шампион и двократен најдобар забивач. Атлета која ретко се гледа и никогаш не се заборава.

 

NBA FAN

Димитар Младеновски

NBA колумна на Димитар Младеновски-Шампионот на кој не му беше потребна титула (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски-Денис Родман изнесе шокантни факти (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски-Приказната за Грент Хил (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски-Профил на Лери Џонсон (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски-Кој го уби Лоренцен Рајт? (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски-Животот на Eди Кари “baby Shaq” (ВИДЕО)