NBA колумна на Димитар Младеновски-Магичниот “Пени” Хардавеј (ВИДЕО)

2120

Плеј од 2,03 сантиметри со креативност и визија, брзина и сила! Енферни “Пени” Хардавеј! Неуморен работник со вонсериски квалитети. Играч пред своето време.

Идол на многумина. Скромен, тивок и повлечен човек кој на теренот како експлозија ја изразуваше сета своја моќ. Приказна за човекот за кој Мајкл Џордан лично има изјавено дека најмногу го потсетува на себеси.

Кој беше “Пени”?

Орландо Меџик (1993-1999)

Избран како 3-ти пик на драфтот 1993 година (по големо инсистирање на идниот клубски колега Шекил О’Нил) преку трампа “Пени” пристигнува во Орландо.

Уште на стартот се надзира дека се работи за нешто специјално. Освојува еден куп награди, меѓу кои и M.V.P. (најкорисен играч) во натпреварот на дебитантите. Tимот на Орландо станува се посилен.

Се формира атрактивно младо дуо кое рапидно ја менува сликата во NBA. Од млад и перспективеен тим, “магичните” стануваат страв и трепет на Истокот. Покрај “Шек” и “Пени” во тимот пристигнува 3-кратниот NBA шампион, Хорас Грент кој е токму тоа кое му е најпотребно на тимот.

Играта на Хардавеј e на All-Star ниво и му дозволува раст и прогрес на остатокот од тимот (Денис Скот, Ник Андерсон, Брајан Шо) кој токму поради присуството на нашиот херој ги пружаа најдобрите животни партии. Несебичноста и креативноста која ги поседува “Пени” го носи Орландо Меџик до финалето 1995 година, каде (за жал) губат од бранителот на тронот (Хјустон Рокитс).

Во својата втора сезона во лигата, Хардавеј е NBA финалист и за влакно не станува NBA шампион.За најголем дел од кошаркарските експерти, тимот на “магичните” предвреме пристигна таму каде што се бореше да стигне. Нивниот рапиден успех најавуваше почеток на доминација која под правилен управувачки надзор може да премие во нешто легендарно.

Среќата како и “слепиот пристап” на челниците на франшизата, се испречија како неминовни пречки за оваа сторија (навистина) да постане како нешто кое што сме го гледале (само) во приказните од “Дизниленд”.

Поминува уште една одлична сезона (1995-1996). “Пени” е веќе редовен “All-Star” играч и вбројуван помеѓу најдобрите 5 во светот. Тогаш се соочија со некој на кого му должат “извинување”! Чикаго Булс се спремни за одмазда. Посилни од било кога, ги елиминираат “магичните” од доигрувањето. Чисти 4:0 за “биковите” во нивниот бестрашен шампионски поход. Ранети без својот “бик за војување” (поранешниот играч на нивниот ривал) капитенот Хорас Грент, Орландо нема шанси против разбеснетите “бикови”.Следува летото 1996 и освојување на златниот медал, на Олимписките игри во Атланта ’96 каде “Пени” е еден од најдобрите играчи во својата репрезентација.Следната сезона (’96-’97) Хардавеј останува сам по заминувањето на Шекил О’Нил во Лос Анџелес Лејкерс. И покрај послабиот играчки потенцијал кој го има тимот, ги покажува лидерските кавалитети и сам на свои плеќи го носи тимот во плејоф-от.

Во ниеден момент не беше доведен во прашaње неговиот придонес. Напротив, беше потенциран како нешто на кое што помладите играчи треба да се одликуваат.Во последните две сезони (1998 и 1999 год.) “Пени” почнува да игра променливо, најчесто поради повреди кои управата на клубот смета дека не треба детално да се презентираат во јавноста. Негативната реакција од публиката, медиумите како и на тимот во кој се афирмираше како супер ѕвезда го измачува психички.

Тоа претставува и главната причина неговата играчка приказна да ја продолжи на друго место. Во тоа време неговото преминување во друг тим претставуваше еден од најголемите спортски новости и очекувањата повторно беа многу високи.

Феникс Санс (1999-2003)

Преку трампа Хардавеј пристигнува во “долината на сонцето” каде формира нов тандем, овој пат со еден од најдобрите плеј-мејкери во историјата на кошарката, Џејсон Кид. Уште во првата заедничка сезона (и покрај повредите) “сонцата” успеваат да го елиминираат актуелниот шампион, тимот на Сан Антонио Спарс.

Во наредното коло, налетуваат на страшно моќниот тим на “Ел Еј” и својот поранешен најдобар пријател Шекил О’Нил. Губат од “лејкерси” но во Феникс допрва доаѓаат промени.

Кид е разменет за проблематичниот Стефон Марбери, кој е претставен како нов предводник на тимот од Аризона. Хардавеј, тогаш како втора опција во офанзивните планови на тимот, со раширени раце го пречекува во градот. Феникс доживува 2 променливи сезони на резултатски план. Токму во тие две години, “Пени” два пати оди “под нож”. Трети пат го оперира проблематичното лево колено кое се повеќе го мачи.

И кога е конечно здрав и подготвен (па дури и прифаќа нова улога во тимот како играч од клупата) менува адреса. Во мега трампа, во кој се вклучени 10 играчи и 4 идни избори на наредните драфтови, заминува во “големото јаболко”.

Њу Јорк Никс (2004-2006) и Мајами Хит (2007)

Иако не е повеќе истиот играч по заминувањето од Аризона, “Пени” Хардавеј исклучително придонесува во првата успешна сезона за Њу Јорк Никс по подолго време. Тимот изборува пласман во плејофот (2004 година) каде тој е втор стрелец на “никси”. Едно од најголемите имиња кое стапнале на кошаркарскиот терен, (единствениот) Коби Брајант за него зборува во суперлативи.Но, веќе следната сезона колената повторно почнуваат да му прават проблем. Минутажата му се намалува а шансата за придонес рапидно опаѓа. Ефектот кој успева да го остави за времето поминато на теренот (сепак) останува на задоволително ниво. Од таа причина е миленик на публиката.

Не по своја волја, заминува во Февруари 2006 година. И покрај силниот интерес од тимовите кој се борат за шампионскиот трон, Хардавеј решава да не се приклучи на ниеден тим во борбата за златниот пехар. На изнадување на многумина, паузира цела една календарска година. Не дава никаква конкретна изјава што планира понатаму? Одигра само 5 официјални мечеви во 2005-та година и имаше огромна пауза. Во меѓувреме, тренира напорно и (како многупати во неговиот живот) се појавува од “сенка” во врвна физичка форма.

Тишината траеше се до 5-ти Август 2007 година.

Tогашниот шампион, тимот на Мајами Хит (на инсистирање на неговиот голем пријател Шекил О’Нил) го доведуваат во тимот. Првиот човек на Мајами, големиот Пет Рајли, изјавува дека овој ангажман е еден вид “остварување на шампионскиот сон преку легендарниот тандем кој имаше да понуди многу повеќе”.

Спремни за уште една (последна) заедничка битка, “Пени” и “Шек” се повторно заедно.Првата ѕвезда на тимот на “жешките” е воодушевен од ангажманот на Хардавеј како негов бековски партнер. Двејн Вејд кој е една од најголемите икони во лигата, се спојува со најсајната ѕвезда и идол од детството. Се спрема тероризирње на противничките одбрани. Медиумите на Флорида, “Пени” го опсипуваат со комплиенти за неговата неисцрпна желба за докажување и работната навика која ја поседува. Хардавеј, по пауза од 12 месеци, се врати во најсилниот тим на светот. На задовлство и воодушевување на сите негови верни фанови, се појавува на Флорида. Атипично за него, го носи дресот со број 7 за прв пат во неговата професионална кариера. Промената на бројот ја окарактеризира како симбол за среќа што е повторно назад на теренот.

Звучи преубаво за да биде вистинито. За жал приказната немаше среќен крај.

Како и многупати претходно, не оди се според планот. Мајами има катастрофален старт на сезоната во која го брани шампионскиот трон. “Камбекот” на “Пени” трае само 16 натпревари. Тимот е во очај и се откажува од неговите услуги. По добивањето на несреќните вести (ден по него) големиот Алонзо Морнинг го најваува своето заминување во пензија како поддршка за неговиот верен пријател.И покрај заинтересираноста за него од други тимови, нашиот херој решава да ја донесе најтешката одлука во својот живот. Става точка на својата професионална кариера.

РЕЗИМЕ

Енферни “Пени” Хардавеј беше играч кој во денешно време би бил прва опција во било кој тим. Плејмејкер со страшни физички предиспозиции и визија во игра налик на легендарните “Меџик” Џонсон, Стив Неш a атлетицизам на Расел Вестбрук или Зек Лавин.

Идол на играчи како Трејси МекГрејди, или најубаво кажано од Шекил О’Нил – “Да останеше здрав, Пени ќе беше подеднакво успешен како Коби Брајант”. Во моментов е главен тренер на универзитетот Мемфис (каде и студираше) и бележи одлични резултати.

Беше одличен лидер и сеуште е.

NBA FAN

Димитар Младеновски

Прочитајте ги претходните колумни на Димитар:

NBA колумна на Димитар Младеновски-Ѕверот од 90-тите (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски–“Белото чоколадо” (ВИДЕО)

NBA колумна на Димитар Младеновски-Профил на Дејмон Стадемаер

NBA колумна на Димитар Младеновски-Животот на Eди Кари “baby Shaq” (ВИДЕО)