По подолго време, големиот Њу Јорк повторно има сериозен и конкурентен тим, на задоволство на многубројните фанови ширум Светот.
Прва опција во тимот е играчот со најголем напредок минатото првенство, All Star крилото, Џулиус Рендл. По најдобрата сезона во кариерата, од Рендл се очекува да продолжи со солидни партии. Најновото засилување е (родениот Њу Јорчанец) Кемба Вокер, кој е повеќе од среќен што пристигнува во новата средина која со гордост ја нарекува свој дом.
Од канадскиот репрезентативец, Ар-Џеј Берет, се очекува напредок и солидна игра имајќи го в предвид сиот потенцијал кој го поседува. На тимот му се приклучи искусниот француски ветеран, Еван Форние, кој доби богат договор за својата преселба во “големото јаболко”. Нов договор доби и ланскиот прв центар, Нерлен Ноел кој е задолжен да го затвори рекетот, како и искусниот крилен центар Таж Гибсон.
На задоволство на навивачите (поранешниот MVP) Дерик Роус е повторно во тимот за кого ова е 14-та NBA сезона. Повеќе од возбудливо е враќањето на (конечно рехабилитираниот) центар Мичел Робинсон, кој е назад по 10 месечна пауза во која насобрал 20 килограми повеќе. Од бековските адути, тука се сеуште и искусниот Алек Буркс како и младиот и талентиран Имануел Куикли.
Кевин Нокс, во својата трета сезона, е пред многу важна година која претставува поседна шанса за докажување пред домашната публика која е се понестрплива. Истото важи и за крилниот центар Оби Топин, кој беше лански висок избор на драфтот.
Претходната сезона “никси” се вратија во плеј-офот. Ќе биде вистинско задоволство да се гледа легендарниот “Медисон Сквер Гарден” повторно полн. Годинава искусниот стратег Том Тибодо, одново очекува пласман во доигрувањето и одење чекор повеќе. Се чувствува дека Њу Јорк е на само еден потег (односно ангажирање на еден сериозен кошаркар) до постанување на сериозен конкурент.
NBA FAN
Димитар Младеновски