Една од најинтересните NBA приказни.
Стивен Дешон Френсис. Роден и израснат во Такома Парк, Мериленд.
Неговите почетоци беа турбуленти и полни со проблеми. Смрт на неговата мајка и на неговата баба, затворска казна од 20 години за неговиот татко, проблеми со законот, секојдневни промени.
Уште на десет годишна возраст почнува да препродава дрога. Тешката финансиска состојба во која се наоѓаше неговото семејство го разбуди неисцрпниот мотив за успех. Важеше за еден од најексплозивните млади бекови во Америка.
По тешкиот период во средношколските денови, Френсис промени три колеџи за три години пред се поради својот рапиден напредок во играта и позитивните резултати. Последната универзитетска година (1997-1998) со Мериленд се проби на големата NCAA сцена и на дело го покажа сиот свој раскошен талент. Стана повеќе од јасно дека е спремен за борба со големите момци. Се пријави на драфтот каде беше меѓу фаворитите за престижниот прв избор.
На драфтот беше избран како втор пик од страна на Ванкувер Гризлис. Беше (можеби) првиот играч кој отворено изјави дека нема намера да игра за тимот кој го доведе во NBA. Неговата искреност му донесе големи проблеми.
За негова среќа, по долг период на преговори во исклучително комплексна размена на 11 играчи, својот професионален кошаркарски пат го почнува во дресот на “ракетите” од Хјустон.
Хјустон Рокетс (1999-2004)
На почетокот на својата прва NBA сезона, Френсис како соиграчи ги имаше легендарните Чарлс Баркли и Хаким Олајџувон. За жал, Баркли набргу потешко се повреди а Олајџуон имаше секојдневни ситни повреди кој се почесто го одалечуваа од теренот. Ова значеше целосна слобода во играта за Френсис кој стана вистински миленик на тренерот Руди Томјанович. Сезоната ја заврши со 17 поени и 5 асистенции во просек и постана ко-дебитант на годината (наградата ја подели со првиот пик Елтон Бренд од Чикаго).
Следуваат три години во кој го добива прекарот “Френчајз” поради своите лидерски квалитети. Хјустон напредува од година во година. Во тимот пристигнува кинескиот џин Јао Минг а неговиот голем пријател и бековски партнер Катино Мобли бележи одлилни партии. Станува All-Star играч и е вбројуван меѓу најатрактивните бекови во Светот. По заминувањето на тренерот Руди Томјанович (2003) во Тексас пристигнува тренер со комплетно различен стил – Џеф Ван Ганди.
Почнуваат несогласување на релација играч – тренер. Тоа беше и главната причина миленикот на публиката да биде принуден да го напушти “Клач сити”.
Заедно со својот голем пријател Катино Мобли беше трејдуван. “Ракетите” тргнаа во друга насока и го испратија во Орландо а на спротивна страна пристигна најдобриот стрелец од претходното првенство, Трејси МекГрејди.
Орландо Меџик (2004-2006)
Пристигнувањето на сончевата Флорида беше нова етапа во кариерата на Френсис. Навивачите го пречекаа со раширени раце а тој многу бргу се прилагоди. Од самиот старт неговата енергија и агресивен стил донесе резултат. Следуваше период на подеми и падови. Откако управата на “магичните” се реши да го раздвои од својот другар, Мобли кој го испрати во Сакраменто, Френсис беше видно вознемирен. Тимскиот успех затајуваше и Орландо го пропушта плеј-офот.
Во сезоната 2005-2006, “Стиви” неколкупати беше суспендиран и парично казнуван поради несогласувањата со управата на клубот. Станува тврдоглав и конфликтен. Во медиумите излегоа информации дека е само прашање на ден кога ќе биде испратен во друга средина. По долг период на преговори, Френсис на 22 Февруари 2006-та година е испратен во Њу Јорк Никс.
Њу Јорк Никс и Хјустон Рокетс (2006-2008)
Во “Медисон Сквер Гарден” почнуваат посериозните проблеми. Во најпознатата арена во Светот, Френсис имаше тежок период на адаптација а навивачите беа страшно незадоволни.
Не успеаа играчки да се спојат со неговиот добар другар, Стефон Марбери а тренерот на тимот Ајзеа Томас не издржа долго со својот стил на организација на клубот. Почнуваат секојдневни проблеми со десното колено кое се почесто го оддалечува од терените.
Лошите резултати го носат на излезна врата. И покрај интересот од повеќе тимови, решава да се врати во клубот каде што ги имаше своите најсветли моменти, Хјустон Рокетс.
Кога сите очекуваа големо враќање на локалниот херој, Френсис стана непрепознатлив. Не успева да се пробие во ротацијата на тренерот Рик Аделман. Постигнува само по 5 поени и 3 асистенции во лимитирана минутажа, и по само 10 одиграни мечеви, “ракетите” се ослободуваат од него.
Долги години подоцна, Френсис призна дека токму поради недостатокот на минутажа во тимот, почнал да конзумира алкохол секојдневно. Овој проблем ќе го следи уште долго по заминувањето од Хјустон.
Откако немаше интерес за неговите услуги, Френсис во 2010 пробува да се врати на правилниот пат. Потпишува за Пекинг Дакс во Кинеската лига но одигрува само 4 натпревати и се враќа назад во САД. Таму е се по видиливо дека има сериозни проблеми. Се почесто го има во медиумите поради погрешни причини. Тепачки во ноќни клубови, пропаднат претприемачки бизнис, неуспешни боксерски промоции, финансиски проблеми на неговата музичка издавачка куќа “Mazerati Music” Во 2016 се самоубива неговиот очув, човекот кој Френсис го сакаше како свој татко. Длабоко пропаѓа во алкохолизам. Истата година се разведува од неговата долгогодишна љубов, Шелби Френсис. Во Декември 2016 година е уапсен на Флорида поради наводна кражба на автомобил. Подоцна е осуден на условна казна.
Беше познато дека Френсис боледува од Мениерова болест, која предизвикува вртоглавици а начинот на кој живееше само ја искомпликува ситуацијата. Кога го допре дното, неговата силна волја повторно се врати. Со помош на неговата поранешна сопруга и неговите две деца се враќа во нормала по рехабилитацијата. Денес со гордост говори за проблемите со алкохолизмот и депресијата која ја надмина. Упорно потенцира дека борбата е секојдневна и дека ги разбира сите кој ги потиснуваат своите внатрешни демони.
РЕЗИМЕ:
Стив Френсис ќе го паметиме како еден од атлетски најнадарените бекови во 2000-те. На моменти беше споредуван со Ален Ајверсон пред се поради неговиот офанзивен арсенал. Можеше да постигне многу повеќе.
Тимската политика, агресивноста, карактерот и повредите се испречија на неговиот пат. Најтешките борби ги водеше како дете а повторно го стигнаа по крајот на неговата играчка кариера.
Денес е среќен и конечно спремен во целост да ја раскаже својата животна приказна.
NBA FAN
Димитар Младеновски