Пред повеќе од 20 години бевме сведоци на поентерска претстава која претставува вистински раритет.
Ноќта помеѓу 6-ти и 7-ми Декември 2000 година, актуелниот шампион Лос Анџелес Лејкерс гостуваше во Оукленд против младиот тим на Голден Стејт Вориорс.
Во меч каде “езерџиите” беа силни фаворити се случи вистинска драма. По исклучително неизвесен финиш и по две одиграни продолженија, “воините” успеаа да го одбранат домашниот терен. Победија со резултат 125-122, во натпревар кој за конечниот победник беа потребни дополнителни 10 минути игра.
Најимпресивно делуваше податокот што оваа ноќ, за прв пат по 40 годишна пауза, двајца кошаркари од различни тимови реализираа преку 50 поени. Коби Брајант и Ентоан Џејмисон имаа феноменално офанзивно издание. Постигнаа по 51 поен, што претставува само четврти пат во историјата на NBA, тимски ривали да ја надминат таа граница.
Интересно е што само два дена претходно, Џејмисон постигна идентични 51 поен во поразот на неговиот тим на гостувањето во Сиетл. За легендарниот Коби Брајант ова беше прв меч во богатата кариера каде ја надмина границата од 50 постигнати поени. 12 години подоцна, Брајант и Џејмисон станаа соиграчи во “златно / пурпурниот” дрес.
Уживајте во оваа офанзивна претстава од пред две децении.
NBA FAN
Димитар Младеновски