Ники Максвел Ван-Ексел.
Роден на 27-ми Ноември 1971 година во Киноша, Висконсин.
Уште од најрана возраст го покажува својот интерес кон кошарката.
Почетоците
Како средношколец во училиштето “Сент Џозеф” го превзема приматот на најдобар поентер во државата. Неговиот силен офанзивен арсенал го прави интересен за голем број на универзитети. Поради недоволно добрите оцени не успева веднаш да се приклучи на силен “кошаркарски” колеџ па првите две сезони ги минува во Тринити Валеј, пред да се приклучи на престижниот Синсинати. Токму таму, под палка на искусниот тренер Боб Хaгинс, младиот Ник ја доживува својата афирмација.
Просечно постигнува над 18 поeни и 5 асистенции по меч. Поставува универзитетски рекорди кој до денес не се надминати. Добива награди и е општо признат како еден од најдобрите бекови во САД. Се пријавува на драфтот во 1993 година. За многумина беше огромно изненадување што Ван-Ексел беше избран (дури) како 37-ми пик, во втората рунда од страна на Лос Анџелес Лејкерс.
Управата на “езерџиите” насетува дека се работи за огромен талент кој може многу да им помогне. Изборот на “Ел-Еј” беше еден од најдобрите во таа декада. “Лејкерси” добија “неизбрусен дијамант”.
Лос Анџелес Лејкерс (1993-1998)
Уште од самото пристигнување во Калифорнија, популарниот “Nick the quick” беше вистинско освежување во нападот.
Како дебитант му помогна на тимот да стигне до плејоф-от а на индивидуално поле постигнуваше по речиси 14 поени и близу 6 асистенции по натпревар. Во нападот со својот тимски колега, Еди Џонс функционираа одлично.
Од година во година неговата игра напредуваше а по пристигнувањето на Шекил О’Нил и Коби Брајант (во 1996 година) Ник повеќе се посвети на организацијата на играта, налик на клисчен плејмејкер. Тоа не значеше дека неговата улога во нападот се намали, напротив. Имаше повеќе отворени позиции за реализација а иако помалку шутираше беше подеднакво ефективен.
Ван-Ексел го предводеше “Ел-Еј” до петкратен пласман во доигрувањето а тогашниот состав важеше за еден од најмладите и најталентирани во лигата. Во 1998 година стана и “All-Star ” играч. Во периодот од 5 години во кој Ван-Ексел настапуваше за “лејкерси” имаше и негативни моменти. Неговата енергичност и темперамнет неколкупати го чинеше и суспензии. Знаеше да влезе во вербален судир со судиите а на моменти и со главниот тренер Дел Херис. Најостро беше во Мај 1998 година кога поради неговата специфична смисла за хумор мораше да ја менува средината.
По реакциите на повеќето од неговите соиграчи дека Ник предвреме се “предал” при водство на противникот (Јута Џез) од 0:3 во победи и дека отворено го коментирал (планирал) неговиот “летен одмор во Канкун”, раководството мораше да превземе одредени дејствија. Ник беше на излезна врата.
На 24-ти Јуни 1998 година, Ван-Ексел е испратен во Денвер Нагетс.
Денвер Нагетс (1998-2002)
Со самото пристигнување во Колорадо, Ник стана лидер на “нагетси”. На тимот му недостасуваше прав организатор кој воопшто не се плаши од предизвикот да ја превземе контролата на натпреварот во решавачките момнети. Го добија токму она што го посакуваа.
Просеците драстично скокнаа а Ник во четирите години поминати во Денвер се вбројуваше помеѓу најдобрите 8 стрелци во NBA. Ван-Ексел во оваа фаза на неговата кариера важеше за еден од најдобрите бекови поентери на теренот. Во два наврати го постигнува својот рекорд на кариерата од 44 постигнати поени.
За жал, на тимско поле затајуваа резултатите и Денвер не успеа да се пласира во доигрувањето. Тоа претставуваше големо разочарување за раководството на тимот кое беше спремно за целосен ремонт на составот. На 21-ви Февруари 2002 година, во обилна размена на 8 играчи, Ник Ван-Ексел се сели во Далас.
Далас Маверикс (2001-2003)
По пристигнувањето во Тексас, на Ник не му требаше многу време за аклиматизација на новата средина.
Неговото влијание беше посебно забележително во плејоф натпреварите. Пружаше страшно ефикасни поентерски партии а “мавси” беа на чекор до пласман во големото финале, каде за жал не успеаа да се пласираат.
Во (точно) 100-те натпревари изиграни за “маверикс”, Ван-Ексел важеше за една од најдобрите резерви во NBA. Се ближеше време за продолжување на неговиот договор но, и време за нови промени.
На 18-ти Август 2003 година, се враќа во Калифорнија, овој пат како нов играч на Голден Стејт Вориорс.
Голден Стејт / Портланд / Сан Антониo (2003-2006)
Завршната фаза во кариерата на нашиот јунак. Три години во кој менува три тимови. Неговата улога исто така трпи промени. Во половина од натпреварите е стартер а во другата половина влегува од клупата за резерви.
Променливата минутажа и ситните проблеми со повредите не го спречија (сеуште) да биде ефективен. До последните активни денови, Ван-Ексел беше инстант поентерски активен како и вистински проблем за противничките одбрани. Важеше за прекален ветеран и одличен ментор на помладите играчи. Во 2006 година посериозно ги повреди коленото и лактот по што се реши да стави крај на професиналното играње кошарка.
На 34 годишна вораст и по 13 поминати сезони, Ван-Ексел беше решен за нови предизвици.
Пост-играчки денови
Ник Ван-Ексел до денес е активен во кошаркарскиот свет.
Од 2009 година е помошник тренер. Најпрво беше асистент во универзитетот Тексас Саунтерн а потоа во Тексас Леџендс (тимот на Далас Маверикс во развојната “Џи” лига).
Од 2010 до 2013 година беше главен во тимот на Атланта Хоукс во поглед на развојот на младите играчи и пронаоѓање таленти.
Во 2013 година беше дел од тренерскиот тим на Милвоки Бакс се до 2016 кога се приклучи на Мемфис Гризлис како скаут и помошен тренер.
Во 2019 повторно се врати во Атланта каде до денес е дел од стручниот штаб на “јастребите”.
Како играч ќе остане запаметен како ултра брз плеј со неисцрпна желба за поентирање. Одличен леворак шутер кој често ја возбудуваше публиката со своите потези како и ладнокрвноста која ја поседуваше во клучните моменти.
NBA FAN
Димитар Младеновски