Џејсон Вилијамс. Играч раритет. Во последните децении, еден од најоригиналните кој се појавил во кошаркарскиот свет. Плејмејкер со уникатен стил на игра, страотна техника на водење на топка, визија, атрактивност. Краток осврт на кариерата на “белото чоколадо”.
При крајот на 90-тите, како играч на Сакраменто Кингс се претставува на големата сцена. Одбран е како 7-ми пик на драфтот доаѓајќи од универзитетот Флорида. Дебитантската сезона на тогаш 20 годишниот млад плеј, беше повеќе од успешна. “Баскетчискиот стил” на игра (т.н. unorthodox “street” style of play) и виртуозните асистенции го прават ултра популарен од самиот почеток.
Пријателството со првата ѕвезда на тимот – Крис Вебер, и капитенот на тимот Владе Дивац (кој исто така пристигнаа летото 1998 година) претставуваше рецепт за успешна игра. Тоа беше нова ера за тимот од Калифорнија и тие неколку сезони беа едни од најуспешните во нивната досегашна историја. Енергијата со кој настапуваше “белото чоколадо” (надимак кој го доби) на теренот го прави миленик на навивачите.
Вилијамс поминува 3 сезони во дресот на Сакраменто, пред управата на клубот да се реши за изненадувачки потег. Следува трампа во Мемфис Гризлис за стабилен бек шутер – Мајк Биби. Во предвид треба да се имаат две причини зошто овој потег е интересен. Сакраменто доби одличен играч во Биби, но во Мемфис дојде играч кој полни трибини, нешто што беше исклучително важно за “гризли мечките” во тоа време. Годината кога Џејсон Вилијамс пристигна во Тенеси, беше прва по преселбата на тимот од Ванкувер (Канада) и присуство на навивачите и полнење на салата беше од огромна важност. Приватно, Вилијамс и Биби беа одлични пријатели. Другарите беа заменети еден за друг.
Во Мемфис тој продолжува да прикажува одлични партии. Во наредните 5 сезони, “Џеј Даб” покажува напредок во играта, го подобрува шутот, станува посериозен. Улогата на татко го менува. Станува стабилен и прераснува во вистински лидер на теренот и ментор за младите играчи. Во тандем со младиот По Гасол, успеваат да го доведат тимот до “playoff”-от за прв пат во тимската историја. Тогаш младите и надежни играчи како Мајк Милер, Џејмс Посеј и Шејн Батие бележат рапиден напредок токму поради присуството на Џејсон Вилијамс во нападот.
Од вечер во вечер ги “хранеше” со правовремени и прецизни додавања. Mемфис станува еден од најнезгодните противници во лигата. Од година во година, тимот бележи се подобри резултати. Сезоната 2004-2005 (по успешниот регуларен дел на сезоната) “мечките” доживуваат колапс во пост-сезоната и губат со чисти 4:0 од тогашниот голем фаврит, тимот на Феникс Санс.
Вилијамс, во тоа време, отворено ја критикува играта која ја пружија неговите соиграчи како и недостатокот на жар и борба на теренот. Главна причина поради која заминува од Мемфис е желбата да се докаже дека е еден од најквалитетните организатори на играта во NBA и дека е достоен да се бори за шампионскиот прстен. Сонот за шампионска титула го носи на Флорида. Tимот на Мајами Хит, во Јули 2005 година, го добива еден од најдобрите плејмејкери на светот.
Првата сезона во дресот на “жешките” беше сезона од соништата за веќе созреаниот 30 годишен шоумен. Под палка на легендарниот Пет Рајли, и со величина од соиграчи како Шекил О’Нил, Двејн Вејд, Алонзо Морнинг и останатите, Мајами Хит ја играат најдобрата кошарка во NBA и бележат одличен успех.
Вилијамс претставува една од главните алки за успехот на тимот и незаменлив дел во нивниот шампионски поход. Во Јуни 2006 година, ја освојува толку посакуваната титула. Џејсон Вилијамс, официјално станува NBA шампион и како и секаде каде што се појавил, остава силен печат во тимот.
Милениокот на навивачите во Флорида поминува 3 прекрасни и успешни години во тимот но, за жал, приказната мораше да заврши. Хроничните болки и проблеми кој ги имаше со повреденото лево клено го приморуваат да се повлече. “Џеј Вил” се пензионира на 32 годишна возраст! NBA фановите се во шок и разочарување.
На задоволство на сите, во Август 2008 година, Џејсон Вилијамс објавува дека желбата за професионално играње кошарка е посилна од болките со кој секојдневно се бореше. Се враќа на големата сцена и потпишува за “комшискиот тим” од Флорида – тимот на Орландо Меџик. За тоа колкаво значење претставуваше неговото враќање доволно говори податокот дека во период во кој настапуваше за “магичните” (од 2008 до 2010 година) беа на чекор до големото финале. На 29-ти Септември 2010 година, е приморан по втор пат да го оперира проблематичното колено.
Напорната работа и рехабилитацијата му дозволуваат да се појави на теренот (за последен пат на професионално ниво). На 7-ми Февруари 2011, како слободен играч, се враќа во тимот на Мемфис Гризлис и на задовлство на сите во Тенеси. Токму таму ги одигрува своите последни 11 натпревари со лимитирана минутажа.
Денес, Џејсон Вилијамс е татко на три деца кој по негови зборови се неговото најголемо богатство. Ментор е и на својот син Џексон, кој не е ништо помалку талентиран и квалитетен од својот татко. Често гостува на спортски емисии каде ги раскажува своите кошаркарски приказни и го пренесува своето непроценливо искуство.
Член е на многу хуманитарни организации заедно со својот другар и сосед, Шекил О’Нил. Неретко зема учество во ревијални натпревари со својот голем пријател, Мајк Биби. Џејсон Вилијамс беше инстант сензација и ке остане запаметен како еден од најатрактивните плејмејкер кој некогаш облекле кошаркарски патики.
NBA FAN
Димитар Младеновски