NBA колумна на Димитар Младеновски-Трогателната животна приказна на Девин Букер

1053

Многумина само навидум ја знаат приказната на Девин Букер.

Сјајниот млад бек поентер од година во година игра се подобро. Неговиот Феникс по долг период е еден од фаворитите за тронот а веќе стигнаа во големото финале (сезона 2020-2021). Она што е поимпресивно од неговата игра е неговото воспитување и однесување.

Девин Армани Букер е син на поранешниот кошаркар Мелвин Букер и Вероника Гутиерез. Има полубрат Девон Вејд и полусестра Миа Пауел. Со неговото пристигнување во NBA (на 18 годишна возраст) од самиот старт, покажа професионалност и зрелост која беше вистинско изненадување за сите.

Неговата полусестра е причина зошто “Ди-Бук” од самиот почеток на својата професионална кариера, делува многу зрело и одговорно.
Миа боледува од “Ди Георгеов” синдром, кој не и дозволува да се развие физички и ментално (според медицинските статистики и анализи, неговата сестра има интелегенција на дете од 10 годишна возраст).

Своето детство Букер го помина со својот татко (низ Европа), додека мајка му и неговата сестра живееа одвоено од него (во САД).
Родителите на Букер беа разделени во текот на целиот живот на херојот од нашата приказна.
Постарите љубители на кошарката се сеќаваат на неговиот татко кој долги години беше еден од најдобрите стрелци во Италија, Турција и Русија.
Уште како многу млад, на Букер секое утро му почнувало со телефонски разговор со неговата сестра, Миа. На овој начин како што кажува самиот, секој ден го започнувал со топлина и љубов.
Лично има почувствувано колку е тешко за луѓето кој од самото пристигнување на овој Свет ја немаат неопходната среќа.

“На почетокот (сестра ми) беше многу срамежлива. Потоа се опушти, а сега кога ќе почне да зборува не можеме да ја запреме. Таа е дијамант на нашето семејство. Ни го промени животот на секој од нас, на подобро.
Таа е нешто најчисто и најискрено.
Најголемата среќа во мојот живот ја носи мојата сестра.”

Уште во 2015 година, Букер стана амбасадор на специјалната Олимпјада на САД.
Од 2019 година наваму, донира по 100.000 долари на годишно ниво.
Кога беше драфтуван во NBA, Букер имаше специјален гостин на неговата маса.
Тоа беше (тогаш) 16 годишната Џејна Ворен, негов голем обожавател која има “Даунов” синдром.

“Присуството на Џејна беше нешто специјално. Најголемиот момент во мојот Живот беше доаѓањето на големата сцена, моментот кога бев драфтуван во NBA.
Таа беше тука со нас, и со нејзе ја споделивме нашата среќа. Денес доаѓа на сите мои натпревари и е мој голем пријател. Има посебно место во моето срце” – низ солзи кажува Букер.

Доколку татко му не беше поранешен голем поентер, прашање е дали Девин Букер би бил професионален кошаркар, All-Star играч и еден од најдобрите бекови во лигата?
Но, доколку ја немаше неговата сестра сигурно немаше да биде волку голем човек и прекрасна личност како што е денес.

NBA FAN
Димитар Младеновски