NBA колумна на Димитар Младеновски-Уникатниот Шариф Абдур-Рахим (ВИДЕО)

1030

Џулиус Шариф Абдур-Рахимм, роден на 11-ти Декември 1976 година во Мериета (Џорџија).

Израснат е во семејство со 11 браќа и сестри. Фамилијарните вредости и меѓусебната почит во куќата на Шариф биле основа во неговиот раст.
Уште како средношколец (во училиштето “Џозеф Милер”) на виделина излегува неговиот неспорен талент на кошаркарските терени. Неговите браќа Мухамед и Амир веќе играа на универзитетско ниво а Шариф ја продолжи таа традиција.

На универзитетот Калифорнија имаше сјајна бруцошка сезона. Абдур-Рахим постигнуваше просечни 22 поени по натпревар и собори безброј NCAA рекорди.
Беше прогласен за дебитант на годината во “Pac 10” конференцијата а кошаркарските аналитичари предвидуваа дека при влез на NBA драфтот, веднаш би бил висок избор.

Уникатниот микс на движења и мекиот шут кој го поседува го прават еден од најпосакуваните млади играчи во Америка. По една сезона на “колеџ ниво”, Шариф Абдур-Рахим беше избран како висок трети избор на драфтот 1996 година кој според многумина е најсилниот драфт во историјата на NBA.

This image has an empty alt attribute; its file name is 1.jpg

Ванкувер Гризлис (1996-2001)

Со пристигнувањето во Канада, Абдур-Рахим беше инстант сензација.
Иако Брајан Ривс беше првиот драфтуван играч од страна на франшизата, Шариф без никаков сомнеж беше најсветлиот потенцијал и најквалитетниот играч кој настапил во дресот на Ванкувер. Стана централна фигура во тимот.

За жал, “гризли мечките” имаа ужасни резултати на тимско поле. Ванкувер константното беше на дното од лигата а навивачите во Канада не беа воопшто заинтересирани за кошарка.
Абдур-Рахим растеше во едно од најсестраните крила во NBA. Во петте години поминати во дресот на “гризлис”, тој беше помеѓу 10 најдобри стрелци во лигата. Од причина што пружаше сјајни партии беше избран за репрезентативец во 2000 година. Со репрезентацијата на САД го освои златниот медал на Олимписките игри во Сиднеј.

Пред сезоната 2001-2002 тимот се пресели во Мемфис а Шариф беше разменет во неговата “домашна средина”. На 27-ми Јуни 2001 година, стана нов играч на Атланта Хоукс, враќајки се во родната Џорџија.

This image has an empty alt attribute; its file name is 2.jpg

Атланта Хоукс (2001-2004)

Веднаш по пристигнувањето кај “јастребите”, Шариф стана прва опција во нападот.
Со младиот плеј Џејсон Тери формираа одлично пријателство а “хокси” во тоа време претставуваа еден од најмладите тимови во лигата.

Во првата сезона како играч на Атланта, популарниот “Риф” го постигна својот личен рекорд против Детроит Пистонс на кој им уфрли 50 поени. Стана “Аll-Star” играч и беше вбројуван помеѓу најдобрите поентери. Како и во Ванкувер така и во Атланта, тимскиот успех затајуваше.

Во Август 2002 година, во тимот пристигна крилото Глен Робинсон и многумина претпоставуваа дека токму овој потег ќе ја направи Атланта конкурентен тим.
И покрај одличната игра на Робинсон и “Риф”, “јастребите” не успеаа да изборат пласман во плејоф-от што претставуваше огромно разочарување за навивачите како и за управата на тимот.
Се решија за нови промени и (летото 2003 година) во составот го доведоа Стивен Џексон (кој со себе доведе авторитет и силно позитивно влијание над младите играчи во составот) но, повторно затаија резултатите. Атланта заврши со само мизерни 27 победи а на Шариф му следуваше нов договор кој апсолутно го заслужуваше.

Откако стана јасно дека Атланта нема капацитет да му понуди нов договор, на 9-ти Февруари 2004 година беше трејдуван во Портланд.

This image has an empty alt attribute; its file name is 3.jpg

Портланд Треил Блејзерс (2004-2005)

“Риф” во дресот на “блејзерси” одигра вкупно 86 натпревари во период од година и половина. Во времето кога играше за тимот од Орегон беше еден од најомилените играчи на навивачите. Секогаш професионално вршејќи ја својата задача и позитивно делувајќи на младиот состав на “блејзерси”.

Неговата улога во нападот беше намалена пред се поради константите болки во коленото. Сепак постигнуваше близу 17 поени по меч. Токму “сомнителното” лево колено беше причина Портланд да не му понуди нов договор а Абдур-Рахим да бара нова средина.

Пред почетокот на сезоната 2005-2006 беше слободен играч и најпрво потпиша за Њу Џерси Нетс. Откако медицинскиот тим на “мрежичките” не беа најсигурни во подготвеноста на ниското крило, договорот му беше прекинат а тој веднаш најде нов ангажман. На 12-ти Август 2005 година потпишува договор со тимот на Сакраменто Кингс.

Сакраменто Кингс (2005-2008)

Во периодот во кој настапуваше за “кралевите” Шариф важеше за ветеран со богато искуство. Секогаш даваше полн придонес и важеше за еден од најефикасните играчи по процент на реализација на шутевите од поле. Не трошеше многу топки во нападот а беше успешен.

Тимот од Калифорнија се пласираше во доигрувањето а токму таму Абдур-Рахим ги пружаше своите најдобри партии. Сакраменто го немаше истиот “сјај” како на почетокот од 2000-те но, секогаш важеше за незгоден противник. Од причина што почна да влегува од клупата за резерви, “Риф” беше вбројуван и како еден од најголемите конкуренти за добивање на наградата за најдобар “6-ти играч”.

Пред сезоната 2007-2008 на “Риф” му беше дијагностициран оток во левото колено и докторскиот тим инсистираше тој да се оперира пред стартот на првенството. Шариф се реши да ја почне сезоната и да го одложи оперативниот зафат за подоцна, со цел да му помогне на тимот. За жал, по само 6 одиграни натпревари беше принуден да оди на операција. По долгиот рехабилитационен процес се очекуваше неговото враќање на теренот но, тој донесе изненадувачка одлука.

Изјавувајќи дека неговите цели се да продолжи да напредува како организатор на тимот и асистент, Шариф Абдур-Рахим се решава да стави крај на играчките денови. Се пензионира на само 31 годишна возраст.

This image has an empty alt attribute; its file name is 4.jpg

РЕЗИМЕ

Веднаш по завршувањето на играчките денови, “Риф” се приклучи како асистент тренер на Сакраменто Кингс. Во 2010 година стана генерален директор на тимот и на таа позиција се задржа до Декември 2013 година.
Во Јануари 2014 година стана директор на Рино Биг Хорнс (тимот на Сакраменто Кингс во развојната “Џи” лига).
На 11-ти Декември 2018 година беше именуван за претседател на развојната “Џи” лига.

Татко е на две деца. Неговиот син Џабри е сметан за еден од најталентираните средношколски играчи во САД. Има своја фондација “Иднина” која обезбедува услуи за поддршка на училиштата и младите во Џорџија.

Абдур-Рахим со своите 206 цм. имаше висина да игра како 4-ка а со својата брзина лесно се справуваше на позициите 2 и 3. Во нападот го красеше одличен шут, лесни движења и финеса. Имаше широк арсенал на офанзивни оружја и во денешната кошарка одлично би се снашол.
Многумина сметаат дека можеше да постигне многу повеќе но, имаше сосема успешна 12 годишна кариера. Подеднакво успешен е и по завршувањето на играчките денови.

NBA FAN
Димитар Младеновски