“Божиќната” ноќ е една од најинтересните за време на регуларниот дел од NBA сезоната. Во вечерта кога милиони ги следеа кошаркарските дуели, најсилно блесна ѕвездата на Далас Маверикс.
Лука Дончич со своите “мавси” гостуваше во Феникс на дуел со “сонцата”. Повеќе е од јасно дека дуелите помеѓу овие два ривали од западната конференција се секогаш тензични а така беше и во овој случај. Во двата тима недостасуваа важни играчи. Кај домаќините не настапи Бредли Бил а кај гостите Кајри Ирвинг. Во главна улога повторно беше “магичниот Лука”.
На овој меч Словенечката ѕвезда ја помина границата од 10.000 поени во досегашната кариера. До ова достигнување успеа да стигне за само 358 натпревари, со што стана седмиот најбрз играч во историјата на кого тоа му пошло од рака.
Лука (очекувано) беше и најзаслужен за триумфот од 128:114. Тој ги почести домаќините со 50 постигнати поени, “зачинети” со 15 асистенции и 6 скокови. Одличен придонес пружија новите играчи во тимот. Крилото Дерик Џонс постигна 23 поени а дебитантот Дерек Лајвли постигна 20 поени. На спротивната страна најефикасен беше Грејсон Ален со 32 поени и нигерискиот репрезентативец Чемизе Мету кој постигна 23 поени.
Лоша ноќ имаа лидерите на тимот од Аризона. Кевин Дурент постигна (за него прескромни) 16 поени а Девин Букер 20 поени, обајцата со слаб процент на реализација од поле. Со новиот триумф, Далас се наоѓа на петата позиција во Западот со скор 18-12. Феникс продолжува со разочарувачките резултати и со негативен биланс од 14-15 се наоѓа на 11-то место во конференцијата.
NBA FAN
Димитар Младеновски