Њу Јорк Никс добива сериозно засилување. Од денес нов играч во тимот е едно од најталентираните крила во лигата, Микел Бриџис.
27-годишниот Бриџис доаѓа од редовите на (соседот) Бруклин Нетс каде ланската сезона постигнуваше близу 20 поени по натпревар. За возврат “мрежичките” го добиваат ветеранот Бојан Богданович како и 6 идни избори на драфтот. Ова претставува спој на дури четворица соиграчи од универзитетските денови. Во својата колеџ кариера (во дресот на универзитетот Виланова) Микел Бриџис има настапувано со сегашниот лидер на “никси”, Џејлен Брансон како и со Џејсон Харт и Донте ДиВинченцо. И покрај многубројните повреди, тимот лани направи длабок продор во “плејофот” а очекувањата од новиот состав се повеќе од високи.
Бриџис речиси две години беше желба на челниците од “големото јаболко”. Откако го покажа својот неспорен потенцијал во дресот на Феникс Санс, крилниот играч беше трејдуван во Бруклин Нетс а неговиот сегашен тим за “влакно” не успеа тогаш да го ангажира во своите редови. Најпосле желбата на управата на тимот е исполнета.
Микел Бриџис е поранешен репрезентативец и според многумина еден од најпотценетите играчи во NBA. Пред раководството на тимот е уште еден голем предизвик, да го задржат Оу-Џи Аненоби на кој му следува нов договор ова лето. Изминатава натпреварувачка година во легендарниот “Медисон Сквер Гарден” најдобрата сезона во досегашната кариера ја одиграа бековскиот тандем сочинет од Џејсон Харт и Донте ДиВинченцо. Во состав предводен од поентерски расположениот Џејлен Брансон, и со здрав Џулиус Рендл навивачите на “никси” може да бидат повеќе од возбудени за почетокот на новата сезона.
NBA FAN
Димитар Младеновски