NBA-Шек стана “бесмртен” во Орландо

616

Орландо Меџик го повлече дресот на својата прва и (буквално) најголема ѕвезда.

Шекил O’Нил синоќа доби посебна чест станувајќи првиот играч во историјата на Орландо на кого дресот е повлечен од употреба. Бројот 32 повеќе никој нема да го носи, нешто за кое кошаркарските фанови и аналитичари долги години сугерираа дека клубот од Флорида треба да го направи.

На оваа церемонија беа присутни повеќе кошаркари со кој “Шек” имаше 4 незаборавни сезони на почетокот од својата кариера. Присуствуваа неговите големи пријатели Енферни “Пени” Хардавеј, Денис Скот како и Ник Андерсон. Орландо во 1995 година, стигна до големото финале каде загуби од далеку поискусниот тим на Хјустон Рокитс. За времето кое O’Нил го помина во дресот на “магичните” тие важеа за еден од најталентираните и најсилните тимови во лигата и беа претенденти за тронот.

Никогаш не заборавајте од каде сте почнале. Мојата професионална кариера започна овде. Имам многу убави спомени тука. Ви благодарам што не ме заборавивте. Јас вас секако ќе ве паметам до крајот на животот. – изјави “Шек” пред преполната сала.

На 35 годишнината од формирањето на клубот, “магичните” решија да направат сосема очекуван и правилен потег. Досегашната тимска политика не вклучуваше повлекување на дресови туку посебен т.н. “посебен круг на заслуги” но, на најдобар можен начин се решија (конечно) да го сменат концептот. Според зборовите на популарниот “Супермен” тој никогаш не очекувал франшизата од Флорида да го почести на ваков начин. Секој кој го следел неговиот кошаркарски почеток ќе се сложи дека вакво нешто е повеќе од заслужено.

Шекил О’Нил стана само третиот играч во историјата на NBA на кого му се повлечени дресовите од три различни тимови. Неговата “34-ка” со која натапуваше во Лос Анџелес Лејкерс и Мајами Хит (со кој освои и титули) исто така се надвор од употреба. Ваква чест досега им се има укажано само уште на Вилт Чембрлен и “Пистол” Пит Маравич.

NBA FAN
Димитар Младеновски