Интересна NBA вечер сочинета од 4 плејоф дуели. Најпрво, првопласираната Филаделфија по тешка и непоштедна борба успеа да го одбрани домашниот терен против тимот на Вашингтон. Конечни 125-118 за “сиксерси”, пред се благодарение на одличната партија на Тобајас Херис кој постигна 37 поени. Џоел Ембид постигна 30 поени а на спротивната страна (стандардно) прв стрелец беше Бредли Бил со 33 поени.
Следниот источен дуел го официјализа враќањето на Њу Јорк во плејофот по подолг период. За жал, “никси” во последните секунди, загубија од гостинската Атланта со 107-105. Треј Јанг ги предводеше “јастребите” до важна гостинска победа реализирајќи дабл-дабл учинок сочинет од 32 поени и 10 асистенции. Тимската игра на “големото јаболко” не беше клучна овој пат каде на индивидуално ниво затаи Џулиус Рендл кој постигна (за него скромни) 15 поени.
Лос Анџелес Лејкерс го загуби првиот натпревар во дуелот со Феникс Санс. “Сонцата” на најдобар можен начин ја презентираа својата игра победувајќи со 99-90 во меч каде го имаа водството речиси од самиот старт. Во својот прв настап во доигрувањето, Девин Букер го предводеше тимот од Аризона со 34 поени и 8 асистенции, следен од Диандре Ејтон кој имаше дабл-дабл учинок (21 поен + 16 скокови). Актуелниот шампион беше предводен од Леброн Џејмс со 18 поени и 10 скокови. Разочара Ентони Дејвис кој постигна само 13 поени со многу слаб процент на шут од поле како и Кајл Кузма кој не постигна ниту еден поен.
На последниот натпревар од програмата дојде и до најголемото изненадување. Мемфис Гризлис го освои гостинскиот терен, победувајќи ја првопласираната Јута Џез со 112-109. Дилон Брукс со 31 поен и Џа Морент со 26 беа предводници на “гризли мечките”. Домаќините од Солт Лејк Сити настапија без својот прв играч, Донован Мичел. Во негово отсуство прв стрелец за “џезерите” беше Бојан Богданович со 29 постигнати поени.
NBA FAN
Димитар Младеновски