Лос Анџелес Лејкерс поведе со 2-1 во победи по синоќешниот триумф против Феникс Санс (конечни 109-95). Актуелниот шампион беше предводен од Ентони Дејвис кој имаше дабл-дабл учинок сочинет од 34 поени и 11 скокови. Во чекот беше следен од Леброн Џејмс со 21 поен и 9 асистенции, и плејмејкерот Денис Шрудер со 20 поени. На спротивната страна Диандре Ејтон имаше 22 поени, а Девин Букер и Џеј Краудер беа исклучени од мечот во завршните секунди од натпреварот.
Денвер Нагетс направи пресврт и поведе со 2-1 во победи, триумфирајќи на гостински терен против Портланд со 120-115. Никола Јокич повторно беше прво име постигнувајќи 36 поени и 11 скокови. Српскиот репрезентативец доби огромна помош од Остин Риверс кој натпреварот го заврши со 21 поен. Инаку на само 3 секунди до крајот, Демиен Лилард погоди тројка и “блејзерси” дојдоа на -3. По направениот прекршок над Морис, и неговите две промашени слободни фрлања домаќините не успеаа да ја прифатат топката која заврши во рацете на Јокич.
Единствениот тим кој нема пораз во досегашниот тек на плејофот (по третиот дуел) е тимот на Милвоки Бакс. “Елените” по трет пат го совладаа Мајами Хит, овој пат на гости во Флорида со 113-84. Високиот пораз на “жешките” значеше и 3:0 дефицит во серијата и чекор до елиминација. Минатогодишниот финалист е непрепознатлив годинава. Крис Миделтон беше прв стрелец за гостите со 22 поени, следен од Јанис Антетокумпо со 17 поени и 17 скокови. Не помогна добрата игра на Џими Батлер (19 поени + 6 асистенции) на спротивната страна.
NBA FAN
Димитар Младеновски