NBA со Димитар Младеновски-Јута руши рекорди (ВИДЕО)

1495

Тимот на Јута Џез продолжува да реди победи и да руши рекорди. Синоќешниот триумф над Чикаго (113-106) е рекорден 21 по ред на домашен терен, исклучително интересен податок во богатата тимска историја. Донован Мичел постигна 26 поени а Руди Гоберт имаше дабл-дабл учинок составен од 19 поени и 13 скокови. “Џезерите” се лидери во NBA со скор 37 победи и 11 порази.

Далас Маверикс продолжува со добра игра. На гостувањето во “Медисон Сквер Гарден”, против Њу Јорк Никс ја остварија третата победа по ред (99-86). Лука Дончич стандардно беше лидер на “мавси” со 26 поени и 7 асистенции.

Атланта Хоукс без својот најдобар играч, Треј Јанг, оствари значајна гостинска победа на патот кон плејоф пласман. Го совлада Њу Орлеанс со убедливи 126-103 во меч каде Бојан Богданович беше лидер со 26 поени, 7 асистенции и 7 скокови. Повратникот во тимот, Лу Вилијамс, одигра одличен меч реализирајќи 19 поени и 8 асистенции влегувајќи од клупата за резервни играчи.

Милвоки оствари убедлива победа на гости против секогаш незгодниот Портланд. Конечни 127-109 за “елените” во меч каде Јанис Антетокумпо реализираше фантастични 47 поени и 12 скокови. На спротивната страна Демиен Лилард постигна 32 поени, недоволно за победа на домашниот тим.

Торонто Репторс го здроби Голден Стејт Вориорс победувајќи со неверојатни 53 поени разлика (130-77). Паскал Сиакам со 36 поени беше лидер на тимот од Канада каде пет играчи имаа двоцифрен број на поени. “Воините” настапија без својот лидер Стеф Кари и без Дрејмон Грин, а во такви услови прво име кај нив беше Ендрју Вигинс со 15 поени.

NBA FAN

Димитар Младеновски