Марко беше убиен среде заштитена зона. Телото никогаш не му беше пронајдено. Само го снема сигналот кој го емитуваше неговиот околувратник. Неколку месеци по исчезнувањето, во 2011 година, стигнаа гласините. Од повеќе места. Од луѓе кои не се познаваа меѓусебе. Сите тие водеа до истиот човек. Висок полициски службеник. Неименуван. Еден од недопирливите. Близок до владејачките структури.
Марко беше првиот заловен балкански рис. За него светот слушна во 2010 година, кога македонските биолози успеаја да го фатат и да му стават ГПС околувратник. Преку него за првпат можеа да го изучуваат движењето на рисот низ македонските планини, во реонот на Националниот парк „Маврово“. Марко беше и гордост на Балканот, жив доказ дека рисовите не живеат само во митовите и приказните.

Марко сликан од камера-замките на МЕД во март 2010 година
Приказната за Марко уште еднаш ја покажа суровоста на човекот. Главниот непријател на загрозениот балканскиот рис, од кој се преостанати помалку од 45 единки во светот во само три држави. Северна Македонија, Албанија и Косово. Нивниот опстанок сега зависи од криволовци и моќници со „ловечки имунитет“, недефинирани закони и стратегии, но и хидроцентрали и градби што се шират низ природните живеалишта на рисовите.
Диме Меловски, од Македонското еколошко друштво (МЕД) и по десет години го памети секој момент поврзан со Марко. Од неговото заловување, па сè до исчезнувањето. Вели дека цела година трагале по сигналите кои требаше да ги емитува неговиот околувратник. Не сакале да веруваат во гласините за неговото убиство во 2011 година, сè додека друг рис не ја преземал неговата територија. Во 2012 година го заловуваат Мартин.
„Кога сфативме дека Мартин се движи по скоро истата територија, беше јасно дека Марко повеќе не е жив“, се потсетува Меловски.
А токму Марко, помогна да се постават основите за телеметриските истражувања, да се проучува движењето, размножувањето и навиките на балканските рисови. Се развија методите на заловување и следење и ја подотвори вратата за понатамошни студии за загрозените големи мачки, како што се Лиса и Филипче.
Никој не е казнет за криволов на рис
Сепак, Меловски вели дека убиството на Марко покажало дека на Балканот, луѓето кои се моќни можат лесно да ја злоупотребуваат својата функција и законите.
„Колку дрзок треба да бидеш, за да можеш тоа да го направиш?! Тоа не може ‘обичен човек’ да го направи. Што значи дека, сепак, тие луѓе се осмелуваат заради тоа што имаат грб, или врски, или се на некоја поголема функција“, вели Меловски.
Тој потсетува дека забрана за лов на рисот има уште од 1949 година, ама досега нема ниту еден случај каде некој е казнет поради криволов на рис.
„Веќе 15 години работиме на заштита на балканскиот рис и секако дека сме дошле и до докази. Дури и до луѓе кои при интервјуа си признавале дека некогаш имале криволовено, меѓу другото и рис. Во последно време имаме докази и фотографии од такви случувања…Сметаме дека една од главните работи зошто не може да се сузбие оваа закана е затоа што нема доволно спроведување на законот“, револтиран е Меловски.