Според податоците од излезните анкети на вчерашните парламентарни избори во Израел, партијата „Ликуд“ на Бенјамин Нетанјаху и ривалската партија „Сино и бело“ на Бени Ганц резултатски се премногу блиску.
И Нетанјаху и Ганц синоќа прогласија победа на парламентарните избори во Израел кои што се меѓу најизвесните во последните неколку изборни циклуси.
„Победивме! Израелскиот народ го кажа своето“, стои во соопштението на партијата „Сино и бело“ кое беше објавено доцна синоќа додека се уште траеше пребројувањето на гласовите.

Според најголемата опозициска партија во Израел, две од три излезни анкети покажале дека партијата има повеќе пратенички места во парламентот од конзервативната партија на Бенјамин Нетанјаху. Сепак, според податоците на третата излезна анкета, двете партии се израмнети.
Од друга страна, Нетанјаху во соопштението наведе дека десничарскиот блок предводен од партијата „Лукуд“ остварил „чиста победа“.

„Ќе започнам со формирањето на десничарската влада со нашите природни партнери уште веднаш“, порача Нетанјаху.
Британската новинска агенција „Ројтерс“ пренесува дека две излезни анкети предвиделе дека десничарските партии ќе имаат повеќе од 60 од вкупно 120-те места во израелскиот парламент, додека третата излезна анкета соопшти дека овој блок ќе биде израмнет со партиите на левиот центар.