Не стивнуваат реакциите во јавноста на сметка на работата на судиите, откако бизнисмен призна вина за причинета сообраќајна несреќа со човечки жртви, а судот му определи единствено една година условна затворска казна. Во сообраќајката која се случи во 2018 година кај Млечниот ресторан во Скопје, тетовчанката Наташа Апостолоска, која беше бремена, го загуби плодот, а згасна животот и на нејзиниот сопруг 32-годиншниот Гоце Димитриевски.
Иницијална каписла за бурата од револт беше фејсбук статусот на Апостолоска, која и самата е адвокат:
„Денеска во Името на граѓаните на РСМ судијката Елена Илиевска Јосифовиќ при ОС Скопје 1 му изрече условна пресуда на оној кој ми го одзеде сопругот на 32 години, бебето и мене ме остави со тешки телесни повреди! Само затоа што признал! Дно дна!“, напиша Апостолоска во петокот, по што притигнаа стотици негативни коментари, во кои прстот беше вперен кон судиите од Кривичниот суд. Бес, огорченост и револт се наѕираше и во статусот на таткото на загинатиот Гоце, Зоран Димитриевски, кој пак сподели дека тој што одзел животи и уништил животи на фамилии е слободен, додавајќи дека ваквата пресуда е последица на нашето судство и обвинителство и, како што вели, целиот „судски ланец на заврзламии“.
На социјалните мрежи експресно се популаризираше хаштагот #ПравдаЗаГоце, каде корисниците ја оценуваат пресудата како шокантна, а на адреса на правосудниот систем пристигнуваат лавина негодувања. „Ми се гади ова „во името на граѓаните“ што судиите го злоупотребуваат“, „ОС Скопје 1 е старо дувло на корумпирани судии“, „поради ова не работам како правник, иако сум магистер“, гласат дел од коментарите, а веќе се споделува и најава за протест, со апел истиот да не се политизира.
Апостолоска додаде дека Јавното обвинителство, за пресудата, ќе поднесе жалба до Апелативниот суд, а правдата ќе ја бара и преку Судскиот совет, каде ќе поднесе пријава за судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, по што нејзината работа се очекува да биде преиспитувана.
„Во текот на годината, извесен број судии изразија загриженост дека политичките манипулации со назначувањата во судството станале уште побезобѕирни, посебно во случаите на СЈО“, се вели во Извештајот.
Првиот човек на Кривичниот суд, Иван Џолев, откри дека не ги знае деталите за случајот, но додаде дека ќе има коментар на почетокот на неделава, откако ќе добие повеќе информации за предметот.
Од друга страна, новиот министер за правда, Бојан Маричиќ, во емисијата „360 степени“, изјави дека е добро што самото судство покажува интерес да ги решава прашањата за кои јавноста ги прозива и што претседателот на судот најавил коментар за целиот настан. „Тоа што граѓаните се сомневаат во дел од пресудите е најсилниот мотив за прочитување на судството кое ќе биде спроведено во нашиот мандат“, заклучи министерот на Маричиќ.
Ваквата изјава на министерот, преку фејсбук статус, ја искоментира и портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Додека неговиот сектор не си ја врши работата Маричиќ пробува да се оправда самиот така што се мотивирал да прочистува судство“, напиша Арсовски, а од неговата партија побараа целосна ревизија на пресудата.
Инаку, кобниот настан се случи пред две години, на булеварот „Теодосиј Гологанов“, каде според пишувањата, возилото управувано од сега осудениот Васил Ч. преминало на двојна лента и им го пресекло патот на Димитриевски, по што настанала несреќата. Неофицијално, осудениот и претходно учествувал во помали сообраќајни инциденти.