Необични работи кои може да ги работите патувајќи низ светот: Смените траат по 5 часа, а викендите се слободни

706

Во зависност од договорот за работа се работи 4-5 часа дневно, викендите најчесто се слободни, а таму може да останете од неколку денови до неколку месеци дури и до една година. Доколку сонувате да “побегнете од работа“ и секојдневието “од 8 до 16“ часот, треба почесто да ги пребарувате порталите кои можат да ве однесат во вистинска авантура.

Списокот на необични работи кои може да ги работите патувајќи низ светот е долг. Работа од канцелариски вид, човек кој ќе се занимава со земјоделство, кој ќе ги подучува другите или ќе го чува станот на некој милионер.

Предноста е во тоа што доколку ви стане досадно можете сето тоа да го правите отпочеток. Дестинациите се подостапни од претходно, трошоците се мали. Моментално се популарни Интернет платформите како што е „Workaway“.

Некои луѓе тоа патување го гледаат како можност за одмор, разгледување на околината, правење нови фотографии,  спомени, на другите им е важно да се поврзат со локалните жители, да се вклопат во нивното секојднеие, културата и обичаите.

Преку ваквите платформи се нуди и се бара бесплатно ноќевање. Се спојуваат луѓе на кои потребна им е некаква помош и оние кои тоа ќе го направат волонтирајќи за да добијат сместување, а некогаш и за храна.

На тој начин на различни делови од светот може да најдете самци, парови, семејства или заедници кои со задоволство би ве примиле во нивниот дом во замена за некаква помош во изградба, реновирање, берба, грижа за коњи, чистење, подучување на јазикот, чување деца, домашни миленичиња и друго.

Работата која може да ја работите е разновидна баш како и локациите кои варираат, од напуштени селца со соларни панели и ограничен интернет до бучни велеградови. Во зависност од договорот, во просек се работи 4-5 часа дневно, викендите најчесто се слободни, а може да останете таму неколку денови, месеци или години.

Сè е многу транспарентно, гостите и домаќините меѓусебно се оценуваат па затоа место за страв и за сомнеж нема. Искуство во бараната работа секогаш е добредојдено, но често се случува да учите и на лице место и нешто да работите за првпат.

Како што пишува на нивниот официјален сајт, целта им е да го промовираат културното разбирање помеѓу различни народи и земји ширум светот.

Некои од понудените работи се да помогнете во рајското место блиску до Бенфеита во Португалија, да ги спасувате желките во Костарика или пак да помогнете во дизајнот на еко фармите во Сао Паоло.

За оние кои сакаат животни има многу понуди кои се поврзани со водење грижа за коњите, но и некои интересни работи како што е тркалање во кал заедно со слоновите.