Несторовски: Цел ми е да дадам 10 гола сезонава, а на Елмас во главата му е „Златната топка“

642

Македонскиот фудбалски репрезентативец Илија Несторовски во интервју за „Газета дело Спорт“ зборуваше за своите амбиции, но и за квалитетите на македонскиот фудбалски дијамант и член на Наполи, Елиф Елмас.

Несторовски на мечот против Сампдорија во минатото коло конечно го постигна својот деби погодок во дресот на Удинезе, сега истакнува дека целта му е да ја продолжи својата серија и да го достигне нивото од претходните сезони.

„Секој ден давам 100 проценти од себе на тренинзите за да се изборам за првотимски статус. Моја прва цел е да постигнам десет гола сезонава. Тоа е мојот сон во Удинезе. Во Интер Запрешиќ и Палермо постигнував двоцифрен број на голови во секоја сезона, односно шест години во низа. Сега мојата желба е да го повторам тоа. Нема да ми биде лесно, но тоа е целта за до крајот на сезонава“, изјави Несторовски.

Тој потоа се осврна и на најголемиот талент во македонскиот фудбал и член на Наполи, Елиф Елмас, за кого Несторовски тврди дека поседува огромен квалитет и дека негова желба е да ја освои „Златната топка“, но и за шансите на Македонија да се пласира на ЕП.

„Елиф е силно момче, има цврст карактер и веќе три години е дел од репрезентацијата. За да ви објаснам подобро за какво момче станува збор, ќе ви кажам само дека тој верува дека за три години ќе се бори за ’Златната топка’. Со тоа треба да ви биде јасно за какво момче станува збор“, истакна Несторовски.