Неверојатно: Пилот се обидел да украде патнички авион – во последен момент го спречил електричар

1033

Пилот кој што бил на обука е уапсен и осомничен за обид на кражба на патнички авион од аеродромот „Орландо-Мелбурн“ на Флорида, пренесуваат американските медиуми.

Според зборовите на портпаролката на меѓународниот аеродром, Лори Букер, антитерористичка единица го уапсила пилотот и сега се истражува случајот и се обидуваат да ги дознаат мотивите на пилотот.

Како што пренесува новинската агенција „АП“, портпаролката открила дека станува збор за 22-годишен пилот кој што се уште бил на обука, а засега не се открива неговиот идентитет. Таа открила дека пилотот со својот автомобил пристигнал на аеродромот, по што веднаш упаднал во авионот од тип „Ербас 321“ кој што се наоѓал во еден од хангарите.

Електричар кој што се наоѓал во авионот ја забележал неговата сенка, по што го запрашал пилотот кој е, односно му побарал идентификациска картичка. Откако сфатил дека пилотот се обидува да го украде авионот, електричарот заедно со својот колега се обиделе да го совладаат и да го задржат додека не пристигнале полициските единици.

Сепак, тој успеал да им побегне, но набрзо бил фатен од полицијата. Откако бил уапсен, накратко бил затворен аеродромот се додека полициските и аеродромските служби не извршиле преглед на пистите.

Американските медиуми пренесуваат дека специјалци направиле претрес во неговиот автомобил поради сомнение дека можно е внатре да има експлозивна направа. Инаку, станува збор за маж од Тринидад кој во САД влегол преку Канада, а имал и канадска возачка дозвола.