Невообичаено топлото време катастрофално за пчеларството

770

Високите температури, невообичаени за овој период од годината, негативно влијаат врз земјоделството. Површинскиот слој на почвата нема доволно влага, сеидбата е отежната, а слабо е и поникнувањето.

Агрометеорлозите велат дека топлото време кое во одредени региони достигнуваше 27 – 28 степени, е посебно лошо, дури и катастрофално за пчелите.

– Околу 75 – 90 литри на метар квадратен е дефицитот на влага во почвата поради невообичаено високите температури. Во септември и октомври просечно врнат по 80 до 105 литри на метар квадратен, а оваа година во Скопје наврнаа најмногу 16 литри, во Битола четири, а во Штип еден литар. Отстапувањата се големи. Влага во подлабоките слоеви на почвата има, но не и во површинските, а баш тука е потребна, истакнува агрометеорологот Ангелко Ангелески од УХМР.

Според него, онаму каде што беа заорани стрништата има услови да влезе потешка механизација за сеидба, но тоа не е можно на површините каде не е заорано.