Во текот на денешниот ден или утре, Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок за анализа на состојбата со заболените од Ковид-19, а од Министерството за здравство велат дека е можно предложување на нови, построги мерки.
„Состанокот ќе биде денеска или најдоцна утре. Не ја исклучуваме можноста да има нови мерки, порестриктивни, по анализата на состојбата од последните неколку дена. Какви мерки и да се препорачаат, граѓаните ќе бидат навреме информирани. Нема да се случи од денес за утре да се усвои мерка, ќе има доволно време за граѓаните да се подготват. Викенд – карантин и затворање на подолг рок, засега не се предвидува“, велат од Министерството, пренесува „А1он“.
Засега на сила е полицискиот час кој беше воведен на 10 март, а истиот започнува во 22 часот и завршува во 5 часот наутро. Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека доколку бројките се во пораст, не се исклучува можноста од воведување на дополнителни мерки како скратување на работното време на угостителските објекти и зголемување на полицискиот час.