Пик Сегед објави соопштение во кое информира дека нов, веќе седми играч е заразен со коронавирусот. По дуелот со Кјелце, минатиот четврток, биле извршени редовни тестирања и еден ракометар се покажал позитивен.
Оттогаш целата екипа повторно е во карантин, а билетите за натпреварот против Вардар (четврток 18.45ч.) се повлечени од продажба. Планирано беше да има публика 30 отсто од капацитетот на салата во Сегедин, но сега прашање е дали тој дуел воопшто ќе се одигра.
Од Пик Сегед велат дека во комуникација се и со Вардар и со Кјелце, со кого играа минатата недела (23-26), како и со властите и со Европската ракометна федерација, за да донесат најдобра можна одлука.
Идентитетот на новиот заразен ракометар не е познат, но јасно е дека ни тој ни Бомбач, Мачковшек, Хенигман, Баниди, Бодо и Кашпарек не би настапиле против Вардар, ако мечот в четврток се одигра.