Нова чистка во Северна Кореја: Ким „се врати од мртвите“ и без објаснување го смени целиот воено-разузнавачки врв

776

Шефот на шпионските операции при севернокорејската армија е сменет без објаснување недолго после 20-дневното мистериозно исчезнување на лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун.

Покрај шефот на военото разузнавање, исто така сменет е и шефот на обезбедувањето на претседателот, Јун Џонг Рин, пренесува јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“.

Севернокорејската воено разузнавачка служба е една од најклучните алки од власта и западните земји ја сметаат за одговорна на цела низа на акции, вклучувајќи напади на дисиденти, но и торпедирањето на јужнокорејскиот воен брод пред десетина години.

Чистката во воено-разузнавачката служба следуваше после шпекулациите за здравствената состојба на лидерот на земјата, до кои дојде откако Ким Јонг Ун мистериозно исчезна од очите на јавноста 20-тина дена.

Ким Јонг Ун накратко се појави при отворањето на една фабрика, но набрзо потоа повторно се повлече од јавноста.

Долго време се шпекулираше дека на севернокорејскиот претседател му бил извршен оперативен зафат на срцето, а медиум од Хонгконг тврдеше дури и дека Ким Јонг Ун починал. Сепак, се чини дека севернокорејскиот лидер „побегнал“ во туристички ресорт поради пандемијата на коронавирусот.