Нова ракетна пресметка помеѓу Израел и Сирија: Напад во близина на израелски нуклеарен реактор, следуваше жестока одмазда

565

Ракета земја-воздух лансирана од Сирија експлодираше утринава на југот на Израел, по што се огласија сирените на подрачје во близина на нуклеарниот реактор Димона.

Како што пренесуваат израелските медиуми, Нуклеарниот истражувачки центар „Шимон Перес“ во Негев не е оштетен во нападот. Портпаролот на израелската армија Хидаи Зилберман изјави дека не верува дека реакторот Димона бил мета на нападот.

Израелската армија соопшти дека во знак на одмазда биле нападнати неколку ракетни батерии во Сирија, меѓу кои и локацијата од каде што била лансирана ракетата кон Израел.

“Times of Israel” пренесува дека сирените за предупредување од воздушен напад се огласиле во пустината Негев, во близина на нуклеарниот реактор, а жителите на Ерусалим и околните населени подрачја слушнале серија на експлозии.

Засега нема информации за жртви или материјална штета на израелска страна, додека пак од Министерството за одбрана на Сирија потврдија дека во израелскиот напад биле повредени четворица војници.

„Околу 01:38 Израел изврши воздушна агресија, со примена на ракети од окупираната Голанска висорамнина. Погодени беа мети во предградието на Дамаск. Нашите средства за против-воздушна одбрана ја одбија агресијата и ги собори најголемиот дел од ракетите“, соопштија од Министерството за одбрана на Сирија.