Нова жртва на руските комичари: И Џастин Трудо разговараше со лажната Грета – не сфати дека се шегуваат додека не му беше побарано ова

422

Нова жртва на руските комичари, познати како Вован и Лексус беше канадскиот премиер Џастин Трудо, на кого пранкстерите му се претставиле како шведската активистка Грета Тунберг.

Владимир Кузњецов и Алексеј Стољаров за време на 10-минутниот разговор снимен во јануари, а објавен сега, меѓу другото го советувале Трудо за светската политика, а му порачаа и дека се загрижени од растечката меѓународна криза и можноста за нова светска војна.

„Вие сте возрасни, но се однесувате како деца. Можеме да создадеме свет во кој ќе има место за сите. И црнци и белци, христијани и муслимани, Трамп и Путин, Борис Џонсон и Корбин, за Теренс и Филип. Напуштете го НАТО, положете го оружјето, собирајте цвеќе, смејте ѝ се на природата“, му порача лажната Грета Тунберг на Џастин Трудо.

„Јас исто така мечтаам за свет во кој војниците се непотребни, но за жал се уште не живееме во таков свет“, изјави Трудо.

Лажната Грета потоа ја обвини Меган Маркл дека „манипулирала“ со британскиот принц Хари кога брачниот пар одлучуваше дека ќе живее во Канада, а потоа го запраша Трудо дали може да ја запознае со „Теренс и Филип“.

„Би бил среќен. Ќе го прашам својот тим да се обиде да смисли како можеме да ве поврземе. Кај себе ги немам директните контакти“, изјави канадскиот премиер, по што му стана јасно дека станува збор за шега кога Грета повтори дека сака да се запознае со „Теренс и Филип“.

„Теренс и Филип? Зарем тие не се од „Саут парк“? Лично не ги познавам. Верувам дека тие се „Саут парк“ пародија на Канаѓаните“, изјави Трудо пред да го заврши разговорот.

Претходно жртви на руските комичари беа познати јавни личности, а пред Трудо, на нивна мета се најде музичарот Елтон Џон на кого комичарите му се претставија како Владимир Путин и побараа со него да разговараат за правата на хомосексуалците.

Како што ѝ е познато на македонската јавност, на мета на руските пранкстери се најде и премиерот Зоран Заев, како и многумина негови колеги, меѓу кои и Емануел Макрон, Реџеп Таип Ердоган, Борис Џонсон, Владимир Зеленски и Мило Ѓукановиќ.

Критичарите ги обвинуваат овие комичари дека се поврзани со руската разузнавачка служба и своите „пренкови“ со политичари ги објавуваат во пресрет на важни настани во државата со цел да се дефокусира јавноста.