Волонтерската мрежа Skopje Pulse постави нови шест мерни станици низ Скопје кои ја мерат концентрацијата на ПМ10 честиците во воздухот. Со новите станици највисока загаденост е забележана кај Клинички центар на Водно, каде утринава се измерени 130 ПМ10 честици на метар кубен.
Нова мерна станица е поставена и кај Излет каде утринава има 119 ПМ10, во Парк кај Фонтана и кај МЗТ во Гази Баба регистрирани се 91 ПМ10, во Козле 110 ПМ10, а во Ѓорче Петров кај Полициската станица 76 ПМ10.
Денеска на социјалните мрежи осамна фотографија од високатниците во Аеродром од каде Скопје буквално не се гледа од загаденост.
Од апликацијата Мој воздух посочуваат дека се работи за неофицијални информации, бидејќи се работи за станици поставени од мрежата на волонтери.
Официјалните податоци на Министерството за животна средина, пак, утринава покажуваат загаденост во Центар, три пати над дозволеното, кај Ректорат 102 ПМ10, 100 во Бутел, 148 ПМ10 во Миладиновци, а 136 во Сопиште.
Инаку, синоќа мерната станица во Сопиште покажа екстремно висока загаденост, со над 400 ПМ10 на метар кубен.
Со новиот закон се воведуваат еколошки налепници, еве како ќе се категоризираат возилата
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, одржа прес конференција на која ги појасни новите измени во Законот за возила со кој се воведуваат еколошки налепници, субвенции за електрични и хибридни возила и нивното позитивно влијание врз намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух и здравјето на граѓаните.
Макрадули истакна дека со предложените измени на Законот за возила, Владата на Р. Македонија започнува со координирана и интегрирана акција во борбата за здрава животна средина и справувањето со аерозагадувањето, каде урбаниот транспорт претставува важен сегмент.
-Согласно европските еколошки стандарди и добри практики, со предложените измени на Законот за возила, се воведуваат еколошки налепници за возилата, кои ќе бидат поделени во три еколошки категории во зависност од европските емисиони стандарди (ЕУРО 1, ЕУРО 2, ЕУРО 3, ЕУРО 4, ЕУРО 5 и ЕУРО 6) и од погонот на моторот на возилото, (на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, на електричен погон или хибридно возило). Согласно одлуките донесени од општините, односно од Град Скопје, во деновите кога ќе се утврди надминување на прагот на загаденоста во градските средини, се воведува ограничено движење во заштитени еколошки зони. Возилата од првата еколошка категорија (возила со европски емисиони стандарди ЕУРО 5 и ЕУРО 6, како и возила со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 на кои е вграден уред на течен нафтен гас или компримиран земјен гас, хибридни возила и електрични возила) се означени со еколошка налепница во зелена боја, и ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони, се вели во соопштението од Министерството.
Возилата од втората еколошка категорија, која ги опфаќа возилата со европски емисиони стандарди ЕУРО 3 и ЕУРО 4, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 2 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, ќе се означуваат со еколошка налепница во жолта боја за кои ќе има ограничено движење во сообраќајот.
Возилата од третата еколошка категорија, која ги опфаќа возилата со европски емисиони стандарди од ЕУРО 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови, ќе се означуваат со еколошка налепница во црвена боја и за овие возила ќе се воведе забрана за движење во општините во период кога има загадување на воздухот.Со донесување на законот за изменување и дополнување на Законот за возила, согласно заклучоците на Владата на Република Македонија ќе се утврдат и одредби со кои Министерството за економија се задолжува за воведување на Програми за доделување на субвенции при купување на возило на електричен погон или поврат на дел од средствата на физичките или правните лица кои ќе купат возило на електричен погон или хибридно возило.