Калифорнија планира да го тужи американскиот претседател Доналд Трамп за судски да го поништи прогласувањето на вондредната состојба.
Како што изјави државниот обвинител Хавиер Бекера, оваа одлука на Калифорнија би можеле да ја следат уште неколку американски сојузни држави, во обидот да биде поништено прогласувањето на вондредната состојба.
Трамп прогласи вондредна состојба затоа што американскиот Конгрес не му обезбеди пари за изградбата на ѕидот на границата со Мексико. Американскиот претседател ќе ја искористи вондредната состојба за одредена сума на пари да може да ја искористи, односно да ја пренамени од одредени проекти, на проектот за изградбата на ѕидот.
„Трамп има широки овластувања, но нема овластувања да го прекршува уставот“, изјави Бекера за американските медиуми.

Трамп прогласи вондредна состојба со цел да ги обезбеди средствата и да го исполни едно од неговите главни ветувања од претседателската кампања во 2016-та година. Според американските медиуми, на Калифорнија најверојатно ќе ѝ се придружат и Ново Мексико, Орегон, Минесота, Њу Џерси, Хаваи и Конектикат.
Сепак, иако Трамп во петокот ја потпиша декларацијата за вондредната состојба, американскиот претседател е свесен дека ќе го очекува голема правна битка со противниците за да ја реализира својата замисла.