Објавен е „нон-пејперот“ кој го потресе регионот: Контроверзни предлози за промени на границите на Балканот

531

Словенечкиот портал „Нецензурирано“ го објави „нон-пејперот“, односно неслужбениот дипломатски документ за новите поделби на територијата на поранешна Југославија.

Словенечкиот портал го објави контроверзниот „нон-пејпер“ кој премиерот на Словенија, Јанез Јанша го испратил во Брисел и во кој ја нуди својата визија за решение за ситуацијата на Западен Балкан.

Примож Цирман, еден од авторите на текстот изјави дека станува збор за вистински документ, дека во нивната редакција се намачиле да дојдат до него и дека целосно му веруваат на својот извор. Тој исто така нагласи дека според начинот на пишување, јасно е дека станува збор за дипломатски документ од типот „нон-пејпер“.

Насловот на документот е „Западен Балкан – пат напред“, а потоа како клучен проблем на регионот ги наведува нерешените национални прашања на Србите, Албанците и Хрватите.

Јанша наведува дека според моменталните околности, речиси невозможно е да се замисли европска перспектива на Србија и Косово, а членството на Босна и Херцеговина во Европската унија е целосно исклучено.

„Турција, на пример, го искористи овој празен простор и го зајакна своето влијание во Босна и Херцеговина и Македонија“, стои во документот.

Во втората точка, се нудат контроверзните “решенија” кои вклучуваат прекројување на границите.

A) Обединување на Косово и Албанија, со давање на посебен статус на Србите на северот на Косово по моделот на Јужен Тирол во Италија.

B) Припојување на голем дел од Република Српска кон Србија, со тоа што Белград би се согласил на спојување на Албанија и Косово.

C) Хрватското национално прашање би се решило со припојување на мнозинските хрватски кантони во БиХ кон Хрватска или со давање на посебен статус на хрватските делови во БиХ по моделот на Јужен Тирол.

D) Босанците добиваат самостојна држава и на референдум бираат иднина во ЕУ или надвор од ЕУ (Турција). Се истакнува можната закана на јакнењето на радикалниот Ислам преку турското влијание.

E) Европската унија, заедно со другите иницијативи започнува спроведување на сеопфатна економска програма.

F) Се забрзува членството во ЕУ и НАТО.

Во третата точка се наведени „чекорите“, кои се состојат од три точки:

A) Тивко да се потврди можноста за спроведување на програмите во регионот.

B) Постапка под 1. на меѓународно ниво.

C) Креирање на комуникациска програма.