Обвинителството нема да го гони сопственикот на менувачницата што уби двајца крадци

834

Обвинителстото ја отфрли кривичната пријава против сопственикот на менувачницата во Кисела Вода кој лани уби две лица при обид за грабеж.

Од обвинителството велат дека е отфрлена пријавата бидејќи постојат други околности што го исклучуваат гонењето, односно правото на нужна одбрана.

„Од анализата на сите докази прибрани во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител оцени дека осомничениот немал претходно формирана намера некого да лиши од живот, туку дејствувал исклучиво во нужна одбрана, со цел да го заштити својот живот, своето здравје и имот“, велат од обвинителството.

Од обвинителството велат дека во текот на постапката, меѓу другите докази, бил прибавен и вешт наод и мислење за пресметливоста на осомничениот, во кое било констатирано дека тој бил психофизички здрав и пресметлив, но дека во критичниот момент кај него се развил интензивен страв за сопственото здравје и живот, кој кулминирал кога двете лица влегле зад пултот на менувачницата и почнале да вршат физичко насилство врз него.

Претходно, против лицето од страна на МВР беше поднесена пријава за убиство. Сопственикот на менувачницата во ноември минатата година ги уби двете лица кои насилно влегоа во објектот. Тие на сопственикот му се заканиле вооружени со пиштоли и му нанеле повеќе удари во пределот на главата и грбот при обидот да ја ограбат менувачницата.