Едно швајцарско претпријатие од турски доставувач добило обиени камења наместо 10.000 тони бакар со вкупна вредност од 36 милиони долари.
Претставници на “Mercuria Energy Group” од Женева, тврдат дека компанијата минатата година била жртва на измама при купување на 10.000 тони бакар, јавува “BBC”.
Кога нарачката почнала да пристигнува во Кина, во контејнерите наместо бакар имало камења префарбани во препознатливата нијанса на метал. Бизарниот настан се случил и покрај безбедносните и инспекциски контроли.
Минатата година, швајцарскиот конгломерат направил договор за купување на бакар во нечист облик, со испорака во Кина. Околу 6.000 тони биле истоварени во повеќе од 300 контејнери на осум бродови.

Пред излегувањето на бродовите од пристаништето во близина на Истанбул, бакарот бил заменет со камења кои биле обоени со спреј за да изгледаат како скапиот метал.
“Mercuria Energy Group” е еден од петте најголеми трговци со нафта на светот, барајќи правда на турските и британските судови. Тужен е доставувачот, компанијата “Bietsan Bakir”.
Турската полиција привела повеќе лица кои биле доведени во врска со “лажниот бакар”.

“Приведени се оние за кои постои сомнеж дека се вмешани во разни фази на организираната измамам во која е оштетена компанијата “Mercuria Energy Group””, се наведува во соопштението на компанијата.
Се укажува на тоа дека во првата група контејнери имало бакар пред инспекцијата да ја прегледа пратката. Потоа на контејнерите биле поставени безбедносни пломби.
Според наводите на турските адвокати, контејнерите потоа биле отворени, бакарот заменет со камен и на крајот биле поставени лажни безбедносни пломби.
Кога бродовите го напуштиле пристаништето во Турција, швајцарската компанија ја уплатила договорената сума од 36 милиони долари. Измамата била откриена дури кога, еден месец подоцна, бакарот пристигнал во Кина.
Во случај испораката да не биде извршена, купувачот би можел да добие отштета во склад со полисата за обезбедување на товар.
Меѓутоа, “Mercury Energy Group” утврдила дека само еден од седум договори кои турската компанија ги користела за обезбедување на товарот бил реален. Сите останатите биле фалсификувани. Повеќе сослушувања во рамките на случајот се најавени за оваа недела.