Од утре полициски час од 21 до 05 часот и отворање на летните тераси?

824

Се уште е неизвесно дали и за претстојните празници во земјава ќе продолжат да важат рестриктивните мерки, односно полицискиот час, како и затворени угостителски објекти и другите рестриктивни мерки. Комисијата за заразни болести денеска на состанок треба да се произнесе по ова прашање по направените анализи на епидемиолошката состојба во земјава. Здравствените власти во последнава недела потенцираа дека бројот на новозаразените се намалува, односно епидемиолошката крива оди во надолна линија, но дека се уште е голем притисокот во болниците иако и бројот на новохоспитализирани е помал. Ова  е од причина што, како што велат, заради подолгото лекување на пациентите.

Како и да е, денеска се очекува Комисијата за заразни болести да каже дали во земјава имаме поволна епидемиолошка состојба, па следствено на тоа, дали ќе има олабавување на рестриктивните мерки. Заклучно со денешниот ден, полицискиот час почнува од 20 часот до 05 часот изутрина, а од утре треба да имаме нови мерки кои денеска ќе бидат препорачани.

Минатиот понеделник, односно на 19.април, владиониот кризен штаб препорача одредени рестриктивни мерки кои би важеле до 15 мај.

Според нивниот предлог од утре полицискиот час да почнува од 21 часот до 05 часот изутрина, како и да се отворат угостителските објекти за работа, но само летните тераси.

Од Комисијата за заразни болести за Фактор потврдуваат дека анализата покажува дека досегашните рестриктивни мерки даваат резултати и дека нивниот предлог ќе биде во таа насока, да не дојде до целосно оптоварување на здравствениот систем во државата.