Но еве нè пак, маскирани до максимум. И сè уште неспособни да сузбиеме една подмолна, а сепак избеглива заразна болест пред стотици илјади да умрат од неа.
Како и во 1918 година, луѓето повторно слушаат празни гаранции спротивни на реалноста на преполнетите болници и мртовечници, а банкарските сметки пресушуваат. Се врати древното генерално чувство за карантинот. Се вратија и бапските лекови: тријте свежи кромиди на градите, велеа во 1918 година. А сега одма да си вбризгаме средство за дезинфекција во вените?, си мислеше претседателот Доналд Трамп, предизвикувајќи воздишки наместо смеа со она што подоцна проба да го протне како шега.
Во 1918 година никој немаше вакцина, третман или лек за големата пандемија на грип кога таа го пустошеше светот и уби повеќе од 50 милиони луѓе. Никој нема такво нешто ни за коронавирусот.
Современата наука брзо го откри денешниот нов коронавирус, го мапираше неговиот генетски код и разви дијагностички тест, користејќи ги знаењата што никој ги немал во 1918 година. Тоа им овозможи на луѓето поголеми шанси во борбата да се заштитат, барем во земјите што брзо спроведоа тестови, за разлика од САД.
Но начините на избегнување на болеста и што да правиме кога сме болни не се променети. Исто е и тоа што американските претседатели од самиот почеток не ја сфатија сериозно заканата.
Трамп речиси прогласи победа уште пред инфекцијата да се вкорени во неговата земја и оттогаш постојано вергла дезинформации. Главниот пропуст на претседателот Вудроу Вилсон беше неговиот молк.
Ниту еднаш, велат историчарите, Вилсон не прозборел јавно за болеста што апсурдно и масовно ги убиваше Американците, дури и покрај тоа што и самиот заболе од неа и никогаш повеќе не беше истиот. Вилсон беше фиксиран на паралелната борба на Америка во Првата светска војна како „куче на коска“, вели Џон М. Бери, автор на „Големиот грип“.
Потенцијалниот епицентар на шпанскиот грип се движи од Канзас до Кина. Но на американските власти дури и во 1918 година им било јасно дека тој не почнал во Шпанија.
Пандемијата го добила името „шпански“ само затоа што слободниот печат во Шпанија амбициозно известувал за разорниот бран на болеста во почетокот на 1918 година, додека владините претставници и ним покорните весници во завојуваните земји (меѓу кои и САД) го минимизирале нејзиното значење во ерата на шовинизам, цензура и порекнување.
Исто како и ковид-19, пандемијата од 1918 година потекнувала од респираторен вирус што скокнал од животните на луѓето, се пренесувал на истиот начин и имал слична патологија, вели Бери за АП. Социјалното дистанцирање, миењето раце и носењето маски биле главни контролни мерки и тогаш и сега.
Тогашните медицински совети одекнуваат и денес: „Ако се заразите, седете дома, одморајте во кревет, грејте се, пијте топли пијалаци и седете мирни додека не поминат симптомите“, рекол д-р Џон Дил Робертсон, здравствен комесар во Чикаго во 1918 година. „Потоа продолжете да бидете внимателни, затоа што најголемата опасност е од пневмонија или некоја слична болест кога ќе замине грипот“.
И тогаш се вртеле привлечни римувани пораки: „Покријте го секое кашлање и кивање. Инаку учествувате во заразното ширење“. (Cover up each cough and sneeze. If you don’t you’ll spread disease)
Но има и значајни разлики помеѓу вирусите од 1918 и 2020 година. Шпанскиот грип бил особено опасен за здравите луѓе на возраст од 20 до 40 години – главната генерација на војниците – парадоксално поради нивните енергични имунолошки системи.
Кога таквите луѓе се заразиле, нивните антитела тргнале по вирусот како војници што се излеваат од рововите кон убиствените полиња во Европа.
„Имунолошкиот систем мавал со сите расположливи оружја по вирусот“, вели Бери. „Битката била во белите дробови. Белите дробови во таа битка биле уништувани“.
Младите војници и морнари нагрнале во американските воени кампови, отпловиле кон Европа на бродови, се бореле рамо до рамо во рововите и победнички доаѓале дома за да бидат обожавани од толпите. Огромна била цената што ја плаќале и тие и луѓето што тие ги заразиле. Наместо шпански, тој грип слободно можело да биде наречен американски војнички или американски морнарички грип. Или германски или британски грип, сеедно.
Меѓу оние што починале во пандемијата бил и Фридрих Трамп, дедото на Доналд Трамп по татко. Меѓу оние што се заразиле и оздравеле биле воените лидери на Велика Британија и Германија, како и на Соединетите Држави, британскиот и шпанскиот крал и тогаш идниот претседател на САД, Френклин Рузвелт, кога бил морнарички помошник-секретар.
Но цената била поголема за обичните луѓе и за сиромашните, напикани во гета, трамваи и фабрики.
Тие не можеле сите да живеат според зборовите на американскиот главен хирург, Руперт Блу во 1918 г.: „Чувајте се од гужви и преполни места колку што е можно повеќе… Нема ништо подобро од свеж воздух преку отворени прозорци… Направете сè што е можно за да вдишете што е можно повеќе чист воздух“.
Пандемијата зарази една третина од глобалното население.
Лоша наука
Во 1918 г. генералниот хирург забележал дека „лицето што има само блага верзија на болеста може да им нанесе сериозен напад на другите“. Предупредувањето исто толку важи и за коронавирусот, особено затоа што научниците открија дека голем број луѓе со ковид-19 може да го шират и без очигледни симптоми. Колку често убива новиот вирус не може точно да се утврди без подобро броење на заразените; според некои процени, стапката на смртност на грипот во 1918 година е 2,5%.
Јавното известување на Блу ги предупредувало луѓето и да ги избегнуваат шарлатаните и да земаат лекови само од лекарите.
Лекарите, сепак, не знаеле секогаш што прават. Медицинските списанија во тоа време опишуваат навалица на невообичаени третмани, некои во лигата на аматерските теории на Трамп за дезинфекција, експлозии на светлина и неодобрен лек што има и потенцијални придобивки и ризици.
Еден доктор од 1918 година препорачал луѓето да шмркаат борна киселина и натриум бикарбонат (сода бикарбона) во прав за да ги плакнат носните канали. Други препишувале кинин, стрихнин и отровно градинарско растение наречено дигиталис за да помогнат во циркулацијата, како и лекови добиени од јод за „внатрешна дезинфекција“, според Лора Спини, која ја напиша книгата од 2017 година „Бледиот јавач: шпанскиот грип од 1918 година и како тој го смени светот“.
Се шират популарни теории дека затоплувањето на нозете би ја спречило инфекцијата, или голтањето кафеав шеќер, или триењето со кромид. „Чисто срце“ беше една од превентивите, иако не е јасно дали се однесува на органот или на срце полно љубов.
„Тогаш го немаше Тони Фаучи“, вели Бери во интервју за Библиотеката на Конгресот во април.
Сега го имаме Фаучи – федерален имунолог, кој во брифинзите во Белата куќа се смета за кажувач на вистината, единствен имун на позитивните спинови и лаги на Трамп. Плус, сега знаеме многу повеќе отколку што знаеле луѓето во 1918 година.
Сепак, сè уште слушаме многу бесмислени средновековни глупости.
Теоретичарите на заговор го обвинија развојот на 5Г-мрежи за ковид-19, исто како што во 1918 година велеа дека радиобрановите го предизвикале грипот. Пироманите неодамна запалија повеќе од десетина британски 5Г-кули откако почна да кружи таа лага.
Не, дувањето топол воздух низ вашиот нос со фен за коса нема да ве заштити. Ниту, пак, пиењето тоник, јадењето високоалкална храна, бутањето антибиотска маст во носот, локањето вотка или каков било домашен еликсир.
Не, не е точно дека ако не можете да го задржите здивот многу долго, имате ковид-19. Или дека вакцината од лабораторија функционира само на болест создадена во лабораторија.
Социјалното дистанцирање не дојде со дистанцирањето на социјалните медиуми. Во текот на над еден век наука, ние не се вративме во иднината, туку отидовме напред во минатото.
Лекции од 1918 година (и 1919 година)
Во септември 1918 година, во текот на вториот и најсмртоносен бран на шпанскиот грип во САД, шефот на јавното здравство на Филаделфија не ги послуша советниците и дозволи да се одржи масовна воена парада низ центарот на градот. Вирусот Х1Н1 се движеше низ масите во, како што беше наречена, најсмртоносната парада во светот. Додека властите инсистираа дека нема причина за вознемиреност, луѓето ги гледаа комшиите како се разболуваат и умираат со зачудувачка брзина и како се копаат масовни гробници.
„Само обичен грип“ стана мантра на чиновниците.
Кон крајот на тој ноември, по шестнеделен карантин, сирените во Сан Франциско почнаа да завиваат за крај и за да им кажат на луѓето дека можат да ги тргнат маските. Сан Франциско, како и многу градови на Западот, во голема мера беше поштеден од првиот бран и го помина интервалот подготвувајќи се за втората рунда, наредувајќи да се носат маски и затворајќи ги луѓето што не го почитуваа тоа.
Мерките на претпазливост се исплатеа, стапката на смртност беше помала отколку во погодените градови на други места. Но градот прерано се опушти.
Во декември избија илјадници нови случаи. Бројот на починати во Сан Франциско се зголеми за повеќе од 1.000. Тоа беше последниот удар на шпанскиот грип, и помалку смртоносен.
Бруталните лекции од 1918 и 1919 година? Според Бери, кој пред 15 години беше регрутиран во администрацијата на Буш да ги подготви сите нивоа на власта за пандемија, мора да се реагира рано, мерките да се релаксираат претпазливо, на луѓето да им се кажува вистината.
Наместо тоа, прво имаше одрекување, проследено со хаотична реакција на федералната власт и лидерски вакуум, додека Вашингтон и државите се тепаат за истите медицински основни материјали и сега се стремат кон повторно отворање.
„Сега имаме планови, дури и военооперациски планови, потрошивме милијарди подготвувајќи се токму за ова што се случува, ги задолживме федералните агенции да се справуваат со сите овие работи, ги поставивме алармите и… не добивме речиси ништо“, вели тој.
Дури ни најмало ѕвонче.