Одбиена понудата на КФОР да ги замени специјалците на Приштина

445

Градоначалниците на четирите српски општини на северот на Косово го одбија предлогот на командантот на КФОР специјалните единици на косовската полиција да се заменат со војници на КФОР.

Како што наведоа, овој предлог едногласно го одбиле по консултацијата со граѓаните.

„Нашиот народ и ние неговите претставници не сме спремни да се согласиме со намерата на Приштина да нè стави во гета и да го укине правото на слобода на движење, што е вредност на модерна Европа децении наназад и која мора да важи и за Србите на овие простори“, наведуваат во соопштението.

Додаваат дека „поради едностраната одлука на Приштина“ Србите веќе девет дена се на протести на административните премини Јариње и Брњак и ќе останат колку што е потребно.

„Лага е тоа дека ни пречи националноста на оној што ни ги зема табличките, туку самата намера тие да бидат тргнати. Каква униформа и да носи тој што ни ги зема. А присуството на до заби вооружените специјалци кои претепуваат голораки Срби е причината за масовноста и истрајноста на нашиот народ во борбата за правото на слобода на движењето“, се истакнува во соопштението на градоначалниците на четири српски општини на северот на Косово.

Тие ја повикаа Приштина да ја врати состојбата на периодот пред 20 септември годинава, да ги повлече своите оружени формации и преку дијалог со Белград да најде соодветно решение.

„Сè друго само ќе ја вжешти и онака жешката ситуација која со мака нашите претставници ја држат под контрола, додека од другата страна нашиот народ е малтретиран од специјалците на РОСУ“, порачаа градоначалниците.

Тие со ова соопштение одговорија на изјавата на косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечија, кој кажа дека КФОР понудил специјалните единици да се повлечат, кажувајќи дека таа понуда ја прифатиле косовските власти, но дека Србите ја одбиле, и дека според него ова одбивање ја открило нивната вистинска цел, а тоа е политичката цел за блокирање на Јариње и Брњак.