Од октомври оваа година, новозеландската влада на туристите ќе им наплаќа по 35 новозеландски долари или околу 20 евра само за влез во земјата, а приходите од тоа ќе ги намени за заштита на околината и вложување во инфраструктурата.
Новозеландската влада одлучи да го искористи експлозивниот раст на бројот на туристи за да го заштити тоа што најмногу ги привлекува – недопрената природа во оваа земја.
„Новозеландското природно и културно наследство е сржта на нашиот туризам и нашиот национален идентитет“, изјави министерката за заштита на околината, Јуџени Сага.
Не сакајќи да се откажат од туристите, но и да го сочуваат своето природно богатство, од новозеландската влада претставија, како што велат, софистицирана стратегија за ширење на инфраструктурата, но и чување на природата.
Програмата заеднички ја составија две министерства – за туризам и за заштита на околината. Парите за развојот на инфраструктурата и сочувување на околината ќе се обезбедуваат од наплаќањето на влез во државата на туристите, како и од регионални развојни фондови.
Со оглед на тоа што државата минатата година ја посетиле 3,8 милиони туристи, тоа значи дека вчадата ќе заработи нешто повеќе од 75 милиони евра кои годишно ќе ги наменува за заштита на околината и вложување во инфраструктурата. Се очекува бројот на странски туристи до 2025-та година да порасне до пет милиони.
„Додека бројот на туристи расте, ние мораме да обезбедиме нашата туристичка индустрија да биде дел од решението на проблемите околу заштитата на околината“, изјави новозеландската министерка Сага.