Во ек на глобалната пандемија со коронавирус, УЕФА засега очигледно „тактизира“ зашто никој не знае како ќе се развива светската здравствена криза, ама во Нион сите се надеваат дека до јуни ќе има Европско првенство во полн шмек, со полни трибини и вистински фудбалски фестивал, па оттаму засега нема никакви информации околу билетите за навивачи за шампионатот кој е предвиден од 11 јуни до 11 јули.
Но, од тоа што УЕФА од претходно го имаше како распоред за ЕП, а дел од билетите кои ги продаде, летово на навивачите што се откажаа од истите, им ги рефундираше парите дадени за влезници, па допрва се очекува и онлајн продажба, но и продажба преку националните федерации за навивачите од земјите учеснички, што значи дека ФФМ ќе биде таа што ќе ги продава билетите на секој што планира да замине во романската престолнина.
Ако состојбата со коронавирусот заврши, а со тоа и дефинитивно УЕФА донесе одлука да се игра првенството со полн капацитет, од првичниот план кој е познат уште од лани, на Македонија ѝ следуваат по 20 илјади билети за мечевите и во Букурешт и во Амстердам. Тоа би значело, невидена и незапаметена инвазија на навивачи, посебно во Букурешт, зашто романската престолнина е многу поблизу и лесно достапна за навивачки караван на стартот на континенталниот шампионат и потоа пет-шест дневна забава на навивачите во Романија.
Тоа што уште повеќе ќе ги израдува навивачите е што цените за влезниците во Букуршт за првите два меча со Австрија на 13 јуни и со Украина на 17 јуни се практично смешни за еден така голем настан – по 30 евра од билет! Ова би значело дека за 60 евра (3.600 денари) со најевтините влезници, на „навивачките“ трибини зад головите, ќе може да ги гледате воведните два меча во Букурешт. За тие што не сакаат баш зад головите, цената е 75 евра (втора категорија) од меч, додека за тие што сакаат малку повеќе да уживаат на централните трибини, цените се 125 евра од меч.
За разлика од Букурешт, нешто поскапи се влезниците за третиот меч на „Јохан Кројф Арена“ во Амстердам, каде на 21 јуни ќе го играме последниот меч од групната фаза. За овој меч, најевтиниот билет од трета категорија зад головите е 50 евра, тие од втора категорија се 125 евра, додека централните трибини од прва категорија се 185 евра.
Македонија се пласираше за првпат на едно големо натпреварување, па сега сите се надеваме дека хаосот со коронавирусот наскоро ќе заврши, а потоа „Фалангата“ ќе ја нападне романската престолнина, која буквално ќе биде обоена во црвено и жолто. Засега УЕФА објави дека планот со Евро низ Европа во 12 градови останува според планот, ама најверојатно во многу сè ќе зависи од комплетната епидемиолошка слика на Стариот континент, пред да има некакви промени, а најмногу и во делот со навивачите.