Ограбил банка каде работел како благајник, го пронашле по 50 години но веќе е починат

629

Теодор Џон Конрад, по кого полицијата трагала пет децении, поради грабеж на банка, конечно е „лоциран“ и идентификуван.

Конрад е обвинет дека кога имал само 20 години, како благајник во банка во Кливленд, од филијалата зел голема сума пари во хартиена кеса и исчезнал. Грабежот се случил во јули 1969 година.

Кобниот ден Конрад дошол на работа, како и секое второ утро, а на крајот од смената спакувал 215.000 долари (проценети на денешните 1,7 милиони долари) во торба и излегол од банката. Грабежот се сметал за најголем во историјата на Кливленд со децении, а дури оваа недела полицијата успеа да го идентификува.

Конрад, кој е познат како најбараниот бегалец веќе 50 години, од 1970 година живеел во Бостон под името Томас Рандал и тоа недалеку од местото каде што е снимен познатиот филм „Аферата на Томас Краун“, со Стив Меквин во главната улога, во кој краде 2 милиони долари од банка во Бостон.

Се испоставило дека Конрад бил опседнат со филмот кој е снимен во 1968 година.

– Во филмот е прикажан бизнисмен милионер, кој од досада ограбува банка, а Конрад им се пофалил на пријателите дека лесно ќе земе пари од банка – соопшти полицијата.

Наводниот грабеж се случил во петок, а банката сфатила дека нема пари до понеделник, кога тој не се појавил на работа. Оттогаш не можеле да го следат.

Со децении инспекторите се обидувале да го пронајдат. Чешлале од Калифорнија, преку Хаваи до Тексас и Орегон. Теодор Конрад завршил на листата на најбарани бегалци во САД, но и на неславната листа на „нерешени случаи“.

По толку години истрага, инспекторите пристигнале во Масачусетс минатата недела и сфатиле дека Конрад цело време живеел таен живот во Бостон.

Во текот на истрагата споредиле бројни документи и утврдиле дека во 1960-тите земал документи на име Рандал, а во 2014 година прогласил банкрот. Починал во мај годинава во Линфилд, на 71-годишна возраст.

Еден од главните инспектори во случајот бил Питер Елиот од Охајо, чие семејство живеело во близина на Конрад во 1960-тите.

– Многу добро го познавам овој случај. Мојот татко, Џон Елиот, беше заменик градоначалник на Кливленд од 1969 година до неговото пензионирање во 1999 година. Тато никогаш не престана да го бара Конрад и до неговата смрт во 2020 година се надеваше дека ќе го реши случајот – изјави Питер.

Токму некои од документите до кои дошол стариот Елиот помогнале да се потврди идентитетот на Конрад.

„Се надевам дека му е полесно на душата на тато“, рече Питер.