Одморот на плажите во Западна Австралија за геологот Ленс Карлсон и неговата двегодишна ќерка за малку ќе се претвореше во кошмар откако биле нападнати од „бесен“ октопод.
Видео снимката на која може да се види како октоподот го напаѓа Ленс стана вирална, а посебно внимание привлекува тоа што октоподот беше во плитка вода и со пипците се обиде да го дофати и веројатно да го повлече во водата.
Геологот открива дека најпрвин забележал како октоподот напаѓа галеб, а нешто подоцна, додека пливал во длабокото истиот октопод го нападнал, зграпчувајќи го со пипците за вратот и рацете.
„Очилата ми беа премногу замаглени за да видам што се случува. Од болки едвај допливав до брегот. Трагите од неговите пипци потоа можеа да се видат на мојата кожа“, изјави Ленс за локалните медиуми, открвајќи дека по нападот, октоподот го чекал во плитката вода.

Откако неговата објава се прошири на социјалните мрежи, се јавија и голем број на познавачи на морската фауна кои се согласни дека е многу невообичаено да се види вакво однесување на октопод.